Почетна / Вести Македонија / За охридската пастрмка по 20 денари субвенција

За охридската пастрмка по 20 денари субвенција

Вкупно 35 милиони денари или околу 600 илјади евра субвенции ќе добијат субјектите што се занимаваат со рибарство и со аквакултура.

 

Јавниот повик е веќе објавен и ќе трае до крајот на овој месец. Од вкупните пари за субвенции, 15 милиони денари се планирани за произведена и продадена риба, а 20 милиони денари за произведен подмладок, односно матици за риба. Сите заинтересирани што сакаат да аплицираат треба да ги поднесат потребните документи до Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделството и руралниот развој.

Владиниот портпарол Александар Ѓорѓиев информира дека со по 10 денари ќе се субвенционира секој килограм произведена и продадена риба од видовите виножитна пастрмка, поточна златовчица, крап, амур, сом и тостолобик, а со по 20 денари речната и охридската пастрмка.

– Поради поттикнување на конкуренцијата и поддршка на сите субјекти што постојат во овој сектор, ќе се задржи скалестото субвенционирање. Сите субјекти што поседуваат рибници во кои се произведува риба со капацитет до 25 илјади килограми ќе добијат 100 проценти од субвенцијата, рибниците со 25 до 50 илјади килограми ќе добијат 75 проценти од субвенцијата, рибниците од 50 до 100 илјади килограми ќе добијат 50 проценти, а оние што имаат рибници со над 100 илјади килограми ќе добијат 25 проценти од субвенцијата – појасни Ѓорѓиев.

Во однос на подмладокот, за чување риба-матица, финансиската поддршка ќе се исплаќа во висина од 600 денари од риба, со тоа што за видовите речна, виножитна и охридска пастрмка ќе се финансираат до 700 броја на произведена риба, за крапот ќе се финансираат најмногу – до 300 риби, а за другите видови до 50 произведени единици.

За набавениот производителен подмладок ќе се дава субвенција со која ќе се покријат 40 проценти од трошоците за набавка на подмладокот.

– Рокот е фиксен и тој нема да биде продолжуван и затоа апелираме субјектите навреме да аплицираат. Овие 35 милиони денари, кои Владата ги има издвоено како средства за поддршка, се добра сума, а субјектите имаат доста време за подготовка за да ги поднесат апликациите, да влезат во процедура и да се стекнат со можноста да ги добијат средствата што ги заслужиле и на тој начин да придонесат за развој на нивниот бизнис – нагласи Ѓорѓиев.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …