Дождовите што наврнаа деновиве по подолг сушен период, ќе ја спасат есенската сеидба во најголемата житница во земјава, Пелагонија.
Но, според земјоделците, нема во целост да ги намалат оштетувањата врз посевите предизвикани од топлото време. Тие се жалат дека дождовите дојдоа со задоцнување, а поради сушата, засеани се само половина од предвидените површини. Дури и во нивите што успеале да ги засеат и покрај сувата земја, поникнувањето кај житни култури било неквалитетно, па не е исклучена можноста приносите да бидат намалени.
– Дождот ќе го спаси остатокот од сеидбата. Ако набргу не заврнеше, Пелагонија ќе останеше половина незасеана. Тоа в година ќе значеше глад за лебно зрно. Од сушата трактор не можеше да ја изора земјата, да ја обработи и да ја подготви за сеидба. Kај дел од засеаните ниви поради сушното време, дојде до проредување на никнатите житни култури. Сега дождот ни ја врати надежта. Земјата ќе биде влажна и ќе можеме да продолжиме со сеидбата – велат земјоделци од Битолско.
Од Сојузот на земјоделци соопштија дека се пробиени вообичаените рокови за сеидба. Според земјоделскиот календар, сеидбата требаше да заврши до Митровден, поточно до 8 ноември, а годинава досега се посеани само 48 проценти од земјоделските површини.
– Земјата одвај се ораше зашто беше сува, а со тоа два-три пати се зголемија трошоците за сеидба. Никнењето беше доста неквалитетно. Ваквата состојба ќе има негативни последици. Со дождот се надеваме дека е избегната вистинска катастрофа, не само во Пелагонија туку и во целата земја. Очекуваме врнежите да запрат за да се довршат уште 100.000 хектари обработлива површина на ниво на целата земја – вели Вељо Тантаров, претседател на Сојузот на земјоделците.
Од Сојузот соопштија дека ќе побараат од државата да се зголемат субвенциите за житните култури од годинашниот род.
– Преку секторот за жито и ориз при Министерството за земјоделство ќе побараме да се зголемат субвенциите за да можат земјоделците да ги намират трошоците од сеидбата, кои беа зголемени во споредба со другите години. Но, и поради состојбите по жетвата кога не се почитуваат цените за откуп на житото договорени со Министерството – додаде Тантаров.
До вчера во Пелагонија наврнаа 40 литри дожд на квадратен метар. Од подрачното одделение на Министерството за земјоделство очекуваат следните денови да бидат засеани уште 12.000 хектари земјоделска површина во битолскиот, новачкиот и во могилскиот крај.
– Од планираните 24.000 хектари, досега се засеани само 48 проценти. Со врнежите се овозможија услови сеидбата да продолжи. Деновиве очекуваме разведување на времето, по што за десет до петнаесет дена земјоделците ќе ја завршат есенската сеидба – изјави началникот Илија Србиновски.
Извор: dnevnik.mk