Како поддршка на земјоделците, Владата одлучи да го продолжи и рокот за аплицирање за легализација на тракторите, од 10 април на 30 септември. Исто така, реши корисниците на социјална помош кои ќе добијат земјиште наместо една, најмалку две години да добиваат 100 проценти од социјалната помош.
Владата продолжува со исплатата на субвенциите за земјоделците. На 4.980 сточари кои одгледуваат овци, говеда, пчели и маторици Министерството за финансии вчера им исплати 209 милиони денари (3,4 милиони евра).
Вкупно 98 милиони денари добија 616 одгледувачи на овци, по 1.000 денари за грло за сите категории овци, плус 700 денари за секое задржано женско јагне. Исто така, на 2.589 сточари им беа исплатени 52 милиони денари за одгледување на говеда. Финансиската поддршка за оваа мерка изнесува 2.700 денари по грло.
Завчера и 1.349 пчелари добија вкупно 55 милиони денари, по 600 денари субвенција за секое презимено пчелно семејство. На сметките на 426 сточари беа префрлени и четири милиони денари за одгледување маторици. Финансиската поддршка изнесува 900 денари по грло.
Како поддршка на земјоделците, Владата на последната седница одлучи за скоро шест месеци да го продолжи и рокот за аплицирање за легализација на тракторите, од 10 април на 30 септември. Исто така, реши корисниците на социјална помош кои ќе добијат земјиште наместо една, најмалку две години да добиваат 100 проценти од социјалната помош.
Досега се поднесени околу 13 илјади барања за легализација на земјоделската механизација и добиени се исто толку согласности за регистрација. Регистрирани се илјада парчиња земјоделска опрема, а според проценките има 30 до 35 илјади парчиња нерегистрирана земјоделска опрема.
Федерацијата на фармери на РМ ја поздрави одлуката на Владата со која го прифати барањето за продолжување на рокот за легализација на трактори.
– Со легализацијата се решава еднодеценискиот проблем за статусот на тракторите и тракторските приколки со кои граѓаните имаа проблем. Доколку се реши проблемот со регистрацијата на тракторите тогаш ќе имаме корист и ние земјоделците во однос на продуктивноста на самата земјоделска механизација, но од друга страна и намалување на сообраќајните незгоди – велат од ФФРМ.
Според статистиката, во земјава има 53.606 трактори.
Извор: vecer.com.mk