Афлатоксини во сушено овошје од Азербејџан, алуминиум во сушени тестенини и пестициди во цитрони од Kина.
Ова се само дел од недозволените состојки на кои треба да внимаваат нашите инспектори при увозот на храна од одредени држави. На светските пазари циркулираат опасни продукти, поради што Европската унија редовно ги предупредува земјите-членки да вршат засилена контрола при увозот на храна. Токму поради ова, Агенцијата за храна и ветеринарство издаде решение за дополнителна контрола на храната за луѓе и за животни од земји во кои ЕУ утврдила присуство на недозволени материи. На листата се Бразил, Авганистан, Доминиканската Република, Египет, Индија, Индонезија, Мароко. Треба да се контролираат кикиритки во лушпа од Kина богати со афлатоксини, домати од Турција во кои наместо витамини, има остатоци од пестициди. Во Агенцијата велат дека станува збор за тековно работење и ова решение е резултат на брзото предупредување (РАСФФ) за безбедна храна во ЕУ.
– Ако во одредена храна што е увезена во ЕУ се детектираат недозволени опасни материи, тогаш преку овој систем се предупредуваат сите држави да внимаваат на пратките што доаѓаат оттаму. Токму поради ова се донесе и решението. Се однесува на физичко прегледување на сите пратки и во суштина се следи европската пракса – велат во Агенцијата за храна. На листата има суво грозје, домати, слатки пиперки, путер од кикиритки, грашок, а увозот е најчесто од Далечниот Исток.
Со Решението се предупредуваат инспекторите да внимаваат на речиси сите зачини што доаѓаат од одредени држави, чаеви, но и на лубеници, јагоди и портокали.
С` уште се чекаат резултатите од Националната мониторинг-програма што лани беше спроведена на македонските пазари. Според неа, требаше да се види дали има тешки метали и пестициди во овошјето и во зеленчукот. Исто така, требаше да се види дали се употребуваат недозволени ѓубрива и средства за заштита од болести и од штетници. Испитувањата се направени, но резултатите с` уште се чекаат. Експертите велат дека ова е прва акција од ваков вид што се спроведува од една надлежна институција, која конечно треба да даде одговор на прашањата дали македонската храна ги задоволува европските стандарди. Во околните држави веќе на големо се контролираат овошјето и зеленчукот и тамошните служби излегуваат со фрапантни податоци. Тешки метали, пестициди, канцерогени материи – се само дел од материите со кои се сладат тамошните граѓани.
Некои од земјоделците велат дека конечно ќе се стави ред во користењето на вештачките ѓубрива и средствата за заштита, а за други ова е дополнителен удар.
– Долги години неконтролирано се користат ѓубрива без да се прават анализи колку од материите влегуваат во плодот или во зеленчукот. Дел од моите колеги користат одреден препарат за заштита од болести и по четири и петпати иако на упатството стои дека максимално може да се користи двапати. На препаратите точно стои и во кој период од вегетацијата може да се употреби, но никој не води сметка за тоа – велат земјоделците од Струмичко.
И додека нашите нутриционисти молчат, светските на големо предупредуваат дека пестицидите и хербицидите заедно со тешките метали се отрови кои предизвикуваат тешки оштетувања на црниот дроб и бубрезите и дека ако долго се користи ваква храна, последиците се фатални.
Валентина Ангеловска
Извор: dnevnik.mk