Почетна / Вести Македонија / Датум: 23.07.2013, 19:44 Врзан увоз на пченица додека не се стабилизира пазарот

Датум: 23.07.2013, 19:44 Врзан увоз на пченица додека не се стабилизира пазарот

Одлуката за врзан увоз на пченица ќе биде укината во моментот кога ќе се стабилизира пазарот иако официјално одлуката важи до крајот на годинава, велат во Министерството за земјоделство.

Од друга страна Србија очекува дека одлуката од македонска страна ќе биде укината најдоцна за месец и половина. По завчерашната итна седница на ЦЕФТА, двете земји излегоа задоволни од исходот, но со различни изјави. Заменикот на српскиот министер за внатрешна и надворешна трговија Бојана Тодоровиќ изјави дека со оглед на тоа што се работи за специфичен производ, Македонија би требало да ја укине мерката за еден и пол месец. Според заменик-министерот за економија Христијан Делев од страна на Македонија во разумен рок ќе биде надминат проблемот.

„Ние формиравме една работна група од страна на Македонија и Србија, со која на неделна база ќе се консултираме за да се надминат овие проблеми во еден краток, односно разумен рок- вели Делев.

Претходно министерот за земјоделство Љупчо Димовски излезе со изјава дека мерката останува да важи до крајот на годината, односно до стабилизација на пазарот.

– Мерката не се однесува посебно за некоја држава, туку важи за сите земји. Изминатиот период имавме разговори со Србија, која се јави како најзасегната страна. Искажавме аргументи со конкретни податоци и причини за воведување и тие се прифатени во целост. Заемен е заклучокот дека до стабилизирање на пазарните услови и редовниот откуп на пченицата од годинешната реколта мора да се дојде за што е потребно да се применува мерката – изјави Димовски.

Србија и сега цврсто стои на ставот дека, во случај Македонија не го испочитува ветувањето, односно не ја укине мерката за месец и половина, таа ќе воведе контрамерки, со кои би ја компензирала загубата што сега ја трпи поради македонската мерка. (В.А.)

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …