Почетна / Вести Македонија / Врнежите ќе одлучат колку жито ќе имаме годинава

Врнежите ќе одлучат колку жито ќе имаме годинава

Времето ќе одлучи дали годинава ќе имаме доволна количина на лебно жито. Најавените врнежи за викендов ќе ја одложат пролетната сеидба најмалку за десетина дена.

Посебно критични се пониските делови, кои неодамна беа поплавени и каде што водата с` уште не е доволно повлечена. Земјоделците велат дека следните две недели ќе бидат одлучувачки за пролетната сеидба. Ако преовладуваат суви и сончеви периоди, тракторите на време ќе влезат да ги обработат нивите, но ако продолжат дождовите, земјата ќе биде каллива и сеидбата ќе се одложи. Најкритично е во пониските делови на Пелагонија, особено во атарите на селата Логоварди, Егри, Новаци, Добромири, каде што минатиот месец беа поплавени неколку стотици хектари со жито, јачмен и други култури. Земјоделците се во паника и се плашат за својот опстанок.

– Овде полето е многу ниско, цела вода од дождовите и од повисоките делови се збира овде. И покрај топлото време кое преовладува деновиве, дел од нивите се уште под вода. Сеидбата почнува на 1 април, па треба во следните денови да не капне ни капка дожд за да се исуши почвата. Ако продолжи да врне, ништо од пролетната сеидба – вели Мите Николовски, земјоделец од Новаци.

Земјоделците се жалат дека поплавите им оштетиле дел од нивите засеани со есенски култури, а, најверојатно, ќе доцни и прихрaната на посевите.

– Ако имаме проблеми и со пролетната сеидба, каде ќе ни биде крајот? Поплавите што настанаа поради нечистите канали по наши процени ќе го намалат родот од есенската сеидба до 30 проценти во пониските делови од Пелагонија. Површините засеани во есен редовно ги прихрануваме меѓу 15 и 20 март. Но, годинава почвата е каллива и не можеме да влеземе внатре, а немаме пари да вршиме авионско ѓубрење. Ако не ги истретираме посадените површини, родот ќе биде уште помал – вели Владе Kрстевски, земјоделец од село Егри.

Во Битолскиот дел на Пелагонија преку лето се засејуваат околу 13.000 хектари со пченица, пченка, сончоглед, соја и луцерка.

Доцни пролетната сеидба на житните култури и во Овчеполиетио.Обилните врнежи од дожд предизвикаа страв кај земјоделците дека годинава нивите ќе им останат незасеани. Времето не помогна да се исцедат обработливите површини погодени од поплавите, а веќе се најавени нови врнежи. Од таму велат дека ако продолжи лошото време, сеидбата ќе доцни за еден месец и родот нема да стаса за летната жетва. Поради ова постои опасност количините жито годинава да бидат преполовени.

Според експертите, освен реките и акумулациите што поплавија многу плодна почва, треба да се третираат и подземните води, кои полека, но сигурно ја уништуваат есенската сеидба. Во Министерството за земјоделство немаат конкретен податок колкава површина не може да се посее поради лошите временски услови.

– Точно е дека подземните води почнаа да се покачуваат и полека ја уништуваат есенската сеидба бидејќи во најголем дел се стигнати до кореновиот систем на пченицата. На поплавени подрачја не се сади пченица, па многу веројатно е дека ќе се јави недостиг од лебно жито годинава. Итно мора преку канали да се одводнат поплавените ниви ако сакаме барем нешто да родат – вели професор Борис Анакиев.

Тој препорачува навреме да се набават семиња од други култури и наместо пченица, на нивите да се засадат пченка, јачмен и други култури, кои може да се искористат за добиточна исхрана.

– Kлиматските промени и управувањето со води н` доведе во ситуација да се бориме или со поплави или со суша. Штетата е направена и треба да се спаси што може. Најголема грешка е нивите да се остават без семе. Треба да се посади што било, ако е уништена есенската сеидба – едногласни се експертите од Факултетот за земјоделство и храна.

Според официјалните податоци, Македонија годишно троши по околу 300.000 тони пченица, од кои половина ги произведува, а остатокот го увезува и тоа околу 80.000 тони од ЕУ, 50.000 тони од Србија и 20.000 тони од Хрватска. Ако предвидувањата на експертите се точни, годинава треба да имаме двојно поголем увоз од лани.

Валентина Ангеловска

Жанета Здравковска

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …