Почетна / Вести Македонија / Прилепчанец направи цветен остров среде море од тутун

Прилепчанец направи цветен остров среде море од тутун

Низ тутунските полиња во Прилеп како колоритен остров се издигаат прекрасни видови цвеќиња во разни бои – каранфили, рози, кали, кринови, нарциси, хризантеми, ириси, гербери, антуриуми… Цветаат и во зима и во лето на три декари под пластеници.

Раскошот на цветните бои го „запали“ поранешниот пожарникар Страшо Митрески (52), па создаде бизнис за егзистенција. Точно 18 години е во постојан допир со цвеќињата по цел ден, понекогаш и во мрак. Гладно ги голта со погледот и ги наградува со потребната храна и нега. Од семка до цвет им дарува внимание, ги варди од студ со греење, а лете ги наводнува, ги обезбедува со средства за заштита од инсекти и други напаѓачи и болести. Животот ~ го подарува на шарената ливада под најлони, а украсните растенија, кои се празник за очите, му враќаат со леб за семејството.

Бизнисот го почнал со вештачко цвеќе зашто не се барало природно.

– Пред пет-шест години се ориентирав на цветната градина, на производството на цвеќињата. Бев вработен, но ја напуштив работата зашто две лубеници не се носат под една мишка. Цветната милина бара комплетно да ~ се предадеш, без импровизации – вели Митрески.

Низ книгите и интернетот, со совети и размена на искуства, поранешниот тутунар го совладува занаетот на традиционалните вековни цвеќари од Холандија. Според потребите на граѓаните, континуирано сади растенија со цветови во леи на одреден датум во садниците во околината на градот.

– Цвеќињата се бетер од бебе. Да не венеат и да растат со одредената динамика нужна им е погодна влажност и температура. Со поглед препознавам што бара цвеќето. За да биде с` под конец, нужно е да се синхронизира цветањето со празниците, со Осми март, со периодот на матурските прослави, со периодите на свадби и другите свечености, кога цвеќето се бара како алва. Фамилијата ја оставам ноќе за да им посветам соодветната агротехника на цветовите навреме и да побудуваат благопријатни емоции кај луѓето. Со една грешка од 10 минути, отиде курбан производството. Погрешен препарат или поголема доза и заврши… Не дај боже да затаи греењето зиме, пет минути на минусна температурата. С` мора да се контролира. Ако расцутат неколку дена по празниците, отиде не само трудот, туку и инвестицијата. Опаѓа побарувачката, а цената се струполува двојно и тројно надолу – раскажува Митрески.

Вели дека бизнисот е скап, од семе, ѓубрива, заштитни средства, греење… но сам ги одгледува зашто, како што вели – како што чеша своја рака, ниедна друга не создава услови за цвеќе во оранжерии. Му помагаат децата, а сопругата е посветена на дуќанот за продажба. За бербата не ангажира никого, оти е специфична. Некои цветови се кршат, а некои се сечат со ножици.

– Има есап, но постојано истражувам за повисоки приноси и ефекти. Соработувам со холандски фирми и задоволен сум – вели Митрески, творецот на рајската градина во Прилеп.

Цвеќето на Митрески предизвикува пријатни чувства и ги краси домовите во Kрушево, Kичево, Охрид, Ресен, Неготино, Kавадарци и во други места.

ЉупЧо Мургоски

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …