Почетна / Вести Македонија / Димовски: Винарството силен мотор на економијата!

Димовски: Винарството силен мотор на економијата!

Македонија е лидер во регионот за производство на вино. Бројот на винарските визби постојано се зголемува, што е јасен показател дека винарството веќе сигурно станува начин на живот и силен мотор во земјоделството и економијата на земјата во целина.

Ова во росоманското село Трстеник го изјави министерот за земјоделство, Љупчо Димовски, на поставувањето на камен-темелникот на новата винарска визба, којашто ќе биде со капацитет од 10 милиони литри. Винаријата е во сопственост на акционерското друштво “Гоце Делчев-Тиквеш” од Кавадарци. Димовски нагласи дека виното е најизвезуван пијалак и втор земјоделски производ по остварениот приход од извоз. Во просек околу 85 проценти од производството на вино е наменето за извоз.
– Лани имавме рекорден извоз на вино, при што вкупниот извоз се искачи на 1,15 милиони хектолитри и ја надмина 2011, која беше најдобра година во поглед на извозот на македонско вино во последните 10 години. Од аспект на извозот на вино 2013 година започна успешно, имајќи предвид дека заклучно со 4 февруари оваа година, целосно е искористена договорената бесцаринска квота со Европската унија, која изнесува 31.400.000 литри за наливно вино во согласност со податоците од царинските и даночни органи при Европската комисија – рече Димовски, кој нагласи дека бројките кажуваат дека Владата успешно го усмерува овој сектор.
Тој потенцира дека со исто темпо ќе се работи и во иднина со цел да се подобри и зајакне имиџот на Македонија како земја на виното, со зголемување на придобивките од поголема потрошувачка, извоз и препознатливост на македонското вино во заеднички интерес на сите нас.

Извор: vecer.com.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …