Земјоделскиот инспекторат заплени и врати во Албанија над 20 тони зелка и домати од Албанија заразени со карантински штетници.
Во инспекторатот велат дека станува збор за увоз од струмичка фирма, која не ги почитувала законите за заштита на растенијата. Доматите и зелката биле спакувани во холандези и гајби, кои претходно не биле дезинфицирани. Можноста карантинските штетници да се пренесат кај нас била стопроцентна, велат во инспекторатот.
– Станува збор за два камиона. Во едниот биле натоварени 11,7 тони домати, а во другиот 10,3 тони домати и 1,7 тон зелка. Амбалажата во која е сместен зеленчукот воопшто не била третирана според правилниците за заштита на здравјето на растенијата и на луѓето. Фитосанитарната инспекција на граничниот премин Ќафасан ги запленила камионите и стоката е веднаш вратена на албанска територија – вели Румен Стаменов, директор на Земјоделскиот инспекторат.
Според него, имало можност преку амбалажата во земјава да се внесат опасни карантински штетници, кои би можеле да бидат погубни за нашето земјоделство.
– Наши инспектори постојано се на терен и проверуваат с` што влегува во земјава. Особено се води сметка за овошјето и за зеленчукот. Kазните за пропустите на инспекторите ако ги има се ригорозни и крајно е губење на работното место – вели Стаменов.
Во овој случај последици ќе има само за фирмата, бидејќи не може да ги пласира производите што планирала да ги увезе.
Според законот, ако се направи пропуст и се случи контаминирани производи да влезат на домашен пазар, казната за фирмата може да биде до 20.000 евра, а казни има и за одговорното лице, но и за инспекторите што дозволиле стоката да дојде до крајниот потрошувач.
Во Законот за заштита на растенијата стои дека карантински штетници на растенијата се штетници што претставуваат посебна опасност за растенијата што ги напаѓаат и кои, заради спречување на нивното внесување или ширење, бараат преземање посебни мерки за нивно сотрување или искоренување.
Меѓу последните увезени штетници пред две години беше опасниот штетник од редот пеперутки познат како „тута апсолута“, која се закануваше да уништи огромен процент од производството на домати во струмичкиот, валандовско-гевгелискиот и во кочанскиот регион. Пеперутката ги напаѓа и листот и плодот и го прави доматот неупотреблив. Ако се појави во пластениците, може да уништи и до 70 отсто од производството.
– Kарантинските штетници многу тешко се искоренуваат и затоа треба посебно внимание да се обрне на граничните премини. Во услови кога во Струмица зелката се продава по 8 денари, не ни е јасно зошто воопшто се увезува зелка – велат земјоделците.
Извор: dnevnik.mk