Почетна / Вести Македонија / Само пет винарници не го платиле откупеното грозје во целост

Само пет винарници не го платиле откупеното грозје во целост

Само пет од осумдесетина винарници во Македонија не го платиле ланското грозје во целост заклучно со законскиот рок, кој истече на 30 април. Според директорот на Државниот инспекторат за земјоделство, Румен Стаменов, три од нив се од Тиквешко, а по една од источниот и од западниот дел на Македонија.

 

– Нема винарница што нема почнато со исплата на откупениот род од минатогодишната реколта. Тие што го немаат докрај платено грозјето имаат исплатено од 50 до 70 отсто од средствата што им ги должат на лозаропроизводителите. Меѓу нив има една што должи околу еден и пол милион евра, а исплатила околу 3.5 милиони, но и такви што должат ситни пари, како, на пример, околу 7 илјади евра – вели Стаменов. 

Овие винарници деновиве ќе ги посетат инспекторите од Инспекторатот и ќе ги потсетат дека с` уште ги немаат намирено обврските од гроздоберот 2013. 

-Тие што с` уште не си ги намириле докрај обврските кон производителите на грозје ќе добијат решенија со определен рок за корекција во кој ќе мора да извршат исплата на долговите кон лозарите. Во спротивно, ќе бидат санкционирани согласно Законот за виното. Ќе им бидат изречени казни за правниот субјект и одговорното лице, а згора на тоа се соочуваат и со ризик од бришење од листата на регистрирани винарски визби и откупно-преработувачки центри – објаснува првиот човек на инспекторатот за земјоделство. 

Притоа ќе се проверува и дали се почитуваат и другите одредби од Законот за виното, според кои винарниците по законски утврдениот рок за плаќање на грозјето не само што треба да го исплатат главниот долг кон лозарите, туку треба да им платат и камата, а тие исто така ќе мораа 10 проценти од парите што ги должат да платат како глоба во буџетот на Република Македонија. Па така, ако некој, на пример, должи милион евра, 100 илјади евра треба да се слеат во буџетот. 

– Ако во рокот што ќе ~ биде определен винарницата докаже дека го платила долгот кон лозарите сосе каматите, нема да ја изгуби лиценцата – дециден е Стаменов.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …