Осум вина на винарската визба “Тиквеш” добија високи оценки за квалитет од најпознатиот светски вински критичар Роберт Паркер и “Wine advocate”.
Црвеното вино “бела вода” од бербата 2012 доби високи 95 поени, со што ја потврди високата оценка од пред две години. Истото вино од бербата 2011 година доби 94 поени, црвеното вино “барово” од 2011 и 2012 година е оценето со 93 поени, белото “барово” од 2012 и од 2013 со по 89 поени, белото вино “бела вода” од бербата 2012 со 90, а од бербата 2013 со 92 поени.
– “Бела вода” од 2012 има извонредно богат вкус, сериозен и повеќеслоен карактер… Станува збор за вино кое доаѓа од Македонија и во кое можете да уживате полека, а останува неверојатно питко и балансирано – го опишува црвеното вино “бела вода” на “Тиквеш”, “Wine advocate” и тимот на Роберт Паркер.
Претседателот на Управниот одбор на “Тиквеш”, Светозар Јаневски, смета дека успешната приказна на вината на “Тиквеш” во голема мера се должи на соработката со Филип Камби, еден од најценетите светски вински консултанти. По негова препорака е променет целокупниот процес на производството на вина, односно од садењето и одгледувањето на виновата лоза се до технолошка обработка на грозјето.
– Овој успех потврдува дека нашите вина можат рамноправно да се мерат со вината од светската елита. Повторувањето на високите оценки, овој пат дури за осум вина, е доказ за конзистентноста на квалитетот во сите фази на производство и огромен поттик за извозните аспирации на ВВ “Тиквеш”. Дополнително, ваквите настани можат да се искористат во напорите за пробив во градењето на идентитетот на севкупната македонска винска индустрија во винскиот свет – рече Јаневски на денешната прес-конференција.
Директорот на ВВ “Тиквеш”, Игор Илиевски, пак, рече дека оценките на “Wine advocate” и Роберт Паркер имаат трикратно значење за “Тиквеш”.
-Со континуитетот се потврдува стратегијата на квалитет пред квантитет, а воедно, оценките се најдобра препорака за консументите во САД, како највлијателен светски вински пазар, чии ефекти се пресликуваат на европскиот, но и на пазарот во Кина. Дополнително, оценките го позиционираат “Тиквеш” на светската мапа на висококвалитетни производители на вина како предводник на македонската винска индустрија – рече Илиевски.
Во Македонија изминатата година, како што беше посочено, за 15 отсто е зголемена консумацијата на вино од сите македонски винарници, но позначајно е што наместо квантитетот, сега во преден план е квалитетот на вината.
Од ВВ “Тиквеш” очекуваат извозот годинава да се зголеми за двоцифрена, па дури и за трицифрена бројка и најавуваат неколку новитети за следниот период. Во фокусот ќе им бидат, пред се, американскиот пазар, но и пазарите во Кина и во Русија, кои се најбрзорастечки.
Од ВВ Тиквеш” потекнува преку една третина од вкупно извезеното флаширано вино од Македонија.
Извор: vecer.com.mk