Почетна / Вести Македонија / Врачени првите две решенија за задруги според новиот закон

Врачени првите две решенија за задруги според новиот закон

Со врачување решенија на првите две земјоделски задруги  во Македонија регистрирани според новиот Закон за задругарство од страна на заменик министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Зоран Коњановски денеска во Струмица беше одбележан 7 Јули, Светскиот ден на земјоделските задруги.

 

Како што истакна Коњановски, Македонија е прва земја во регионот која донесе специјално закон за земјоделски задруги, а пред десетина дена во целост ги измени и комплетира потребните правилници за полесно спродување на законот во живо.

– Одговорот за јак земјоделец, треба да го бараме во задругарството зошто значи дополнителна безбедност за земјоделецот и повисока подршка со субвенции од Владата. Задругарството значи и полесно продавање на родот кој го остварил земјоделецот во задругата, но и посигурнен пласман на земјоделските производи,нагласи заменик министерот Коњановски.

Во своето обраќање до членовите на Македонската асоцијација на земјоделските задруги, заменик министерот Коњановски ја истакна взаемната соработка и директното учество на земјоделците во носењето на Законот за земјоделски задруги.

– Веќе е голем интересот кај земјоделците во повеќето региони од државата за формирање на задруги. Токму денес  на  една земјоделска задруга од Преспанско и една од Струмичко, официјално им  ги даваме решенијата за нивното постоење и понатамошно успешно работење. Апелирам до сите оние кои сакат да бидат јаки земјоделци, да основаат задруги и кооперативи и да започнат со планирање на производството во овие асоцијации, рече Коњановски.

За претседателот на Македонската асоцијација на земјоделските задруги, Менде Ивановски, земјоделската задруга е основната форма на здружување на земјоделците со цел остварување на нивните  цели.

– Светскиот ден на задругите во соработка со Министерството за земјоделство, шумарство и воодостопанство го одбележуваме по втор пат  со што покажуваме дека сме дел од големата асоцијација на земјоделски задруги. Задругата е првиот чекор што земјоделците треба да го направат  во формата на здружување. Ако во Скандинавските земји има здружување за секој производ или во Турција зошто да нема и во Македонија. Мислам дека  задругарството и здружувањето на земјоделците во Македонија треба и ќе добие замав во наредниот периот, изјави Ивановски.


Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …