Почетна / Вести Македонија / Пченицата ќе се откупува од 13 до 15 денари

Пченицата ќе се откупува од 13 до 15 денари

Мелничарите и производителите денеска, на средба во Свети Николе, ја договорија откупната цена за годинашната пченица, 13 денари ќе чини килограм втора класа, 14 денари ќе се плаќаат за прва, а 15 денари за екстра класа.

 

Двете страни, како што соопштија по состанокот, се задоволни од договореното.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Димовски, кој присуствуваше на средбата, истакна дека Владата донела препорачана цена за откуп од 14 денари за килограм лебно зрно.

– Тоа е препорачана цена која што не обврзува никого, но добро би било да се применува. Во однос на цената со која започна жетвата и откупот имаме позитивен прогрес во зголемување на цената. Но земјоделците и мелничарите треба дополнително да се договорат, рече Димовски.

Претседателот на Асоцијацијата на земјоделци, Ефтим Шаклев истакна дека по неколкучасовните преговори со мелничарско-пекарскиот сектор е договорено по која цена ќе се откупува пченицата.

– До 76 хектарско литерска тежина цената ќе биде 13 денари, од 76 до 78 хектарско литерска тежина цената ќе изнесува 14 денари и над 78 хектарско литерска тежина цената ќе изнесува 15 денари. Сметаме дека е постигнат добар договор, а задоволни ќе бидат и земјоделците и мелничарите, рече Шаклев.

Тој забележа дека минатата година Македонија има увезено 44.000 тони брашно и околу 55.000 тони пченица, а оваа година до воведувањето на мерката за условен увоз на пченица и брашно се увезени 27.000 тони брашно. Димовски рече дека со оваа мерка треба да се заштити еден голем сектор, а тоа е мелничарско-пекарскиот.

– Ние имаме ситуација во која што треба да внимаваме на мелничкиот сектор, заради тоа што тој сектор е оној кој што треба да го изврши откупот на пченицата од домашно производство, рече Димовски.

Во моментов во Овчеполието и штипскиот регион во тек е жетвата на пченицата, а земјоделците велат дека годинава имаат добар и кавлитетен род.

Согласно разговорите, преработувачите треба на видно место да ја објават конечната цена по која ќе го откупуваат лебното жито.

Ова е шеста средба на мелничарите и земјоделците.

Годинава беа насеани 95.000 хекатри пченица. Од нив се очекуваат околу 280.000 тони род.  

Што се однесува за најавите  на Србија дека ќе го ограничи увозот на македонското вино и домати по стапувањето на сила од македонска страна за условен увоз на пченица и брашно од Србија, министерот Димовски истакна дека нашата Влада во јануари годинава ја има известено Србија за одлуката, која е донесена согласно и меѓународните правила.

– Ние немаме никаков проблем со ниту еден произведувач надвор од државата и секој кој што се гледа дека на било кој начин е засегнат, тоа е негово право. Одлуката е донесена врз основа на две основи, Закон за земјоделство и рурален развој во кој што Министерството, односно институциите се задолжени да го заштитат домашното производство и ние тоа го правиме. Второ врз основа на договорот со ЦЕФТА член 23 Б и 24 во случај на пореметување на пазарот во државата, институциите имаат право да воведат мерки со кој што ќе се спречи понатамошното влошување. Ние постапивме по тие два документи и за нашата постапка имаме сериозни аргументи. Не знам дали другата страна има такви аргументи, но ќе треба да ги објасни. Ние тоа и во писмена и усмена форма, а што е битно во писмена форма уште во почетокот на јануари ги доставивме до српската страна , рече Димовски.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …