Србија бара итна седница на заедничкиот комитет на ЦЕФТА, бидејќи со одлуката за врзан откуп на пченица во Македонија се прекршува договорот.
Откако Владата донесе одлука да се воведе мерката за заштита на пазарот на пченица и брашно, со врзување на количините на увоз со откуп на домашно производство, Србија најави дека ќе преземе реципрочни мерки. Како што пренесуваат српските медиуми, Србија бара итна седница на заедничкиот комитет на ЦЕФТА, бидејќи со одлуката за врзан откуп на пченица во Македонија се прекршува договорот.
Србија, како што истакнува помошник-министерот за трговија на оваа држава, Бојана Тодоровиќ во изјава за агенцијата Бета, нема добиено правни информации дека македонската Влада усвоила мерка со која се ограничува извозот на пченица и брашно, но во пракса таа мерка веќе се спроведува.
– Србија е подготвена да реагира во рамките на ЦЕФТА и да почне процедура за решавање на спорот. Ќе упатиме писмо до претседателството на ЦЕФТА во БиХ да се закаже итен состанок со заедничкиот комитет, кој е главен орган и надлежно тело за решавање на ваквите ситуации – појаснува Тодоровиќ.
Министерството за трговија анализира на кој начин Србија може да го заштити пазарот, доколку иницијативата во ЦЕФТА не даде брзо решение. Од српска страна се најавува реципроцитет за оние производи што најмногу се увезуваат од Македонија, како вино и домати, но не е одлучено кои мерки ќе се преземат.
Од македонското Министерство за земјоделство објаснуваат дека оваа мерка се воведува во согласност со одредбите од Законот за земјоделство и рурален развој. Нејзина цел е заштита на пазарот на меркантилна пченица и брашно од пченица и превенирање на опасност од сериозни нарушувања на пазарот со овие производи кои можат да ги загрозат целите на националната земјоделска политика.
“Оваа мерка треба да овозможи постигнување на редовната пазарна рамнотежа меѓу понудата, односно очекуваното производство и количините увезена пченица и брашно од една, и вкупната побарувачка на пченица од друга страна”, се вели во соопштението на Министерството за земјоделство. Оттаму потенцираат дека како резултат од воведување на мерката се очекува непречено одвивање на откупот на основниот прехранбен производ за населението на Македонија, пченицата од овогодинешната реколта.
Според одлука, за секој килограм увезена пченица мелничарите ќе треба да откупат три килограми домашна, а за секој откупен килограм брашно од странство ќе треба да откупат четири килограми домашно. Мерката ќе се применува до 31 декември годинава.
Извор: vecer.com.mk