Почетна / Вести Македонија / Во Пелагонско нема доволно храна за пчелните семејства

Во Пелагонско нема доволно храна за пчелните семејства

Пчеларите од битолскиот дел на Пелагонија се загрижени за состојбата со пчелните семејства кои поради недостиг од храна недоволно произведуваат мед.

 

Според Менде Трајковски, претседател на регионалниот пчеларски сојуз „Виа Игнација“, пчелните семејства во овој период од годината имаат недоволно произведено количество мед, што е резултат на неповолните климатски услови.

– Во овој период од годината во сандакот на едно пчелно семејство треба да има најмалку по 15 килограми мед потребни на пчелите за да преживеат, но за жал во некои пчеларници има само по 2 до 3 килограми мед. Kонтактираме и со колегите пчелари од другите делови на државата и, за жал, состојбата е неповолна, некаде алармантна, а некаде средно поволна. Пчелите немаат храна, нема доволно произведен мед кој најнапред е неопходен за опстанокот на пчелите, а дури потоа за преземање од страна на пчеларот – вели Трајковски.

Теренските анализи на пелагониските пчелари покажуваат дека потребни се дополнителни мерки за заштита и подобрување на кондицијата на пчелните семејства и прихрана.

– Летото врви, а ќе дојде и зимата, најтешкиот период за пчелите. Видливо е намалувањето на бројот на пчелни семејства и затоа овој проблем ќе го подигнеме на повисоко ниво вклучувајќи ја науката. За состојбите со пчеларството, искуствата и размена на знаења имавме и на неодамнешната средба во Романија со тамошните пчелари кои веќе применуваат и професионални методи за заштита и дополнителна исхрана на пчелите – истакнува Трајковски.

Од регионалниот пчеларски сојуз „Виа Игнација“ со седиште во Битола информираат дека врз пчелните семејства посебно штетно влијаат хемиските препарати за заштита на одредени растенија, и затоа ја поздравуваат одлуката на Европската комисија за две годишна забрана за користење на пестицидите кои ги уништуваат пчелите и пчелните семејства. 

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …