Сите мостри земени од инспекторите од страна на Агенцијата за храна од фабриката за сувомесни производи се негативни. Тука се и мострите од спорните лотови и никаде нема утврдено присуство на листерија – соопшти Агенцијата за храна.
– По минатонеделното известување од Министерството за здравство дека е детектирано присуство на листерија во производ сечкан свински врат земен од малопродажен објект во Гевгелија, инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство преземаа опсежни контроли во месната индустрија „Екстрамеин“ од Kуманово. Во рамките на контролите земени се вкупно 24 мостри од производи и адитиви кои се користат во производството, вклучително и од лотовите каде што беше детектирано присуство на оваа бактерија, 10 брисеви од работни површини, машини како што се сечкалки, стерилизатори, комори и од други места каде што евентуално може да се утврди присуство на оваа бактерија. Земени се и 2 бриса од материјали што се користат во производството, а кои доаѓаат во контакт со храната. Лабораториско испитување на земените мостри и брисевите, во согласност со препораката на Kомисијата за заразни болести, паралелно се врши во лабораториите на Факултетот за ветеринарна медицина и во Институтот за јавно здравје – се вели во соопштението.
Понатаму стои дека досега Агенцијата за храна и ветеринарство ги доби сите резултати од анализите на брисевите, материјалите што доаѓаат во контакт со храната и мострите од суровините и готовите производи направени во лабораториите на Факултетот за ветеринарна медицина и сите се негативни, односно одговараат на Правилникот за посебните барања што се однесуваат на микробиолошките критериуми за храна.
– Од мострите и брисевите што се испитуваат во лабораториите на Институтот за јавно здравје, до Агенцијата се пристигнати 9 резултати за земени брисеви од работни површини, машини како што се сечкалки, стерилизатори, комори и од други места каде што евентуално може да се утврди присуство на оваа бактерија, како и за испитани две мостри од спорните лотови вакуумиран сечкан свински врат и 4 мостри од адитиви. Сите анализи се негативни – вели Дејан Рунтевски, директор на Агенцијата. Според него се обработуваат пристигнатите резултати и по нивното комплетирање ќе ги преземе сите со закон предвидени мерки и активности за информирање.
Во Данска од листерија починаа 12 лица
Вкупно 12 лица починаа во Данска во изминатиот месец од опасната бактерија листерија. Надлежните веќе имаат сомнителен производ за кој се смета дека е извор на труењето. Станува збор за традиционалниот дански специјалитет „рулеполсе“, направен од месо, а кој го произвела мала компанија за преработки од месо во близина на Kопенхаген.
Kомпанијата е затворена, а сите нејзини производи се повлечени од продажба. Опасните инфекции со листерија не се нови во Европа – во 200 година во Германија и во Австрија од ваква зараза починаа шест лица кои наводно јаделе контаминирано сирење. Европската агенција за безбедност на прехранбените производи наведе дека во 2011 година од листериоза заболеле вкупно 1.470 лица, а секое 10-то починало.
ЈЗУ го демантира деканот на Ветеринарниот факултет
Институтот за јавно здравје го демантира професорот Дине Митрев, декан на Факултетот за ветеринарна медицина дека неговите изјави се неосновани. Митрев деновиве изјави дека не постојат методи за испитување на бактеријата листерија какви што применува Институтот за јавно здравје со кој се докажува дали има или нема листерија, без да се утврди бројот на бактериите што е од пресудно значење.
На оваа изјава Институтот за јавно здравје изјави дека тие се врвна јавна здравствена установа.
– Со таква дезинформација преку јавни гласила се создава паника, несигурност кај населението и нивна недоверба во системот и државните институции – вели в.д. директорот на ИЈЗ, Шабан Мемети. Според него, Институтот за јавно здравје е прва акредитирана лабораторија во земјава за тестирање на безбедноста на прехранбените производи во 2006 година.
– Нашиот метод подразбира тестирање во период од 4 дена на еден примерок и секој примерок што бил доставен во микробиолошката лабораторија на Институтот е третиран на тој начин. Ниту еден резултат не е издаден без комплетно да бидат завршени тестирањата. За таа цел во текот на изминатиот месец се тестирани околу 1.000 примероци прехранбени производи и брисеви од работни површини и опрема – вели Шабани.
Извор: dnevnik.mk