Почетна / Вести Македонија / Илјадници „ фантомски“ трактори ќе добијат документи

Илјадници „ фантомски“ трактори ќе добијат документи

Владата ќе го продолжи рокот за регистрација на трактори и приколки до крајот на годинава.

Измените на Законот за возилата се веќе во собраниска процедура, а земјоделците што имаат несредена документација ќе може да ја докомплетираат до крајот на декември. Одлуката е донесена по барање на земјоделците, а со цел да им се остави време да ја приберат потребната документација. Станува збор за регистрација на „фантомските“ трактори што се користеле во земјава пред независноста, добиени во наследство, купени без купопродажен договор, набавени од увоз, од донации и од други места. Токму за нив, Министерството за економија направи измени на Законот за возилата со кој ќе се реши проблемот со земјоделската механизација, која немаше никакви документи за техничка неисправност. Најчесто за тракторите и тракторските приколки не постојат никакви докази за сопственост, потекло и царинска декларација. Според статистиката, Македонија располага со 53.606 трактори, а нема точна бројка за приколки. Заклучно со октомври 2013 година на ниво на земјава се поднесени вкупно 20.000 барања за докажување на сопственоста т.е. легализација на тракторите и тракторските приколки. Ако и по овој рок с` уште не биде регистрирана земјоделската механизација, сите фармери кои ќе се сретнат на јавен пат, ќе се соочуваат со казни од 500 до 2000 евра во денарска противвредност.

– Станува збор за регулирање еднодецениски проблем за статусот на тракторите и тракторските приколки со кои граѓаните имаа проблем. Се проценува дека има неколку десетици илјади трактори и тракторски приколки кај кои не беше можно да се изврши регистрација поради немање доказ за сопственост. Сега, ако има каков било доказ за сопственоста, се бара согласност за технички прегледи, се врши идентификација на самото возило, а постапката продолжува вообичаено. Ако нема доказ, тогаш со изјава заверена на нотар, се поднесува барање до надлежен суд со кое се бара да му се утврди решение за сопственички статус. Судот е должен во рок од 3 дена да го достави до Министерството за земјоделство и во рок од 24 часа да биде објавено на огласна табла. Ако никој не поднесе евентуална жалба во судот во рок од 30 дена, се носи решение за сопственички статус – велат во Министерството за економија.

Во Сојузот на земјоделците потврдуваат дека со легализацијата се решава еднодеценискиот проблем за статусот на тракторите и тракторските приколки со кои граѓаните имаа проблем. 

-Ако се реши проблемот со регистрацијата на тракторите тогаш ќе имаме корист и ние земјоделците во однос на продуктивноста, но ќе се придонесе и за намалување на сообраќајните незгоди. Kај индивидуалните земјоделски стопанства доминираат тракторите од 27 до 37 киловати моќност, а кај земјоделските претпријатија – од 38 до 66 киловати. Ако се има предвид фактот дека околу 85 отсто од оваа механизација е амортизирана, станува јасно дека со таков капацитет на трактори не е можно да се спроведува целосна технологија на земјоделско производство – велат во Сојузот.

ТРАКТОРИТЕ ЧЕСТА ПРИЧИНА ЗА СООБРАЌАЈКИ

Официјалните податоци велат дека во земјава до пред донесување на законот во 2012 година беа регистрирани само околу 15 отсто од тракторите. Од нив 16,7 отсто се со старост од 10 години, од 11 до 20 години старост се дури 68,5 отсто, а над 20 години – 14,7 отсто. Токму неисправноста и старосната структура се виновни за фрапантните бројки што покажуваат дека за последните пет години 431 сообраќајна незгода се предизвикани од возачи на трактори. За истиот период настрадале 311 возачи на трактор од кои 37 починале, а 274 биле повредени. За овој период во сообраќајни незгоди со трактор имало 221 настрадан патник, од кои 22 се загинати, а 199 се повредени.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …