Почетна / Вести Македонија / КЗЗ: Од 900 мостри во 40 е докажана листерија

КЗЗ: Од 900 мостри во 40 е докажана листерија

Досега е извршена анализа на околу 900 мостри, од кои во 40 случаи е докажана listeria monocytogenes, кај производи кои се предмет на натамошна термичка обработка, соопшти Комисијата за заразни заболувања при министерството за здравство по одржаната работна средба на која беше разгледана фактичката состојба и досега преземените активности поврзани со случаите на лица заболени од листерија.

 

На најголем дел од мострите и производите е извршена генотипизација, при што докажани се генотипови кои не се исти со оние кои беа причинители на листериоза кај луѓето, освен во една мостра од вакумиран сечкан свински врат, произведен од „Екстра-меин“ од Куманово, каде е докажана listeria monocytogenes и каде извршената генотипизација покажува 98 отсто идентичност со генотипот на листеријата која предизвика заболување кај луѓето.

Комисијата за заразни болести денеска одржа работна средба на која беше разгледана фактичката состојба и досега преземените активности поврзани со случаите на лица заболени од листерија, и беше констатирано следното:

„Од Агенцијата за храна и ветеринарство и од Факултетот за ветеринарна медицина, Комисијата за заразни болести беше информирана дека листерија е утврдена кај уште еден примерок од вакумиран свински врат произведен од Екстра-меин Куманово (лот 071760028, пакуван на 10.07.2014 година). Примерокот од свински врат е донесен на испитување за присуство на listeria monocytogenes од инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство, а земен од приватно лице кое претходно го отворило производот и конзумирало од истиот. Од тие причини, од лицето е побарана своерачно потпишана изјава со која лицето бара да се испита примерокот од свински врат поради извршеното конзумирање, и истата, заедно со лабораторискиот наод е доставена до Основното јавно обвинителство – Скопје, во прилог на претходно доставената документација за поведената кривична пријава против непознат сторител“, се наведува во соопштението на Комисијата за заразни заболување.

Од Институтот за микробиологија и паразитологија при Медицински факултет – Скопје, посочија дека станува збор за исклучително вирулентен сој на бактеријата listeria monocytogenes, што значи дека има потенцијал лесно да предизвика болест, е еден од заклучоците на Комисијата.

Агенцијата за храна и ветеринарство, исто така, информираше дека почнувајќи од 29-ти јули воведено е задолжително испитување на секој лот од месни и млечни производи, произведени од овој датум. Притоа беше посочено дека за сите позитивни мостри се води соодветната постапка и сите се доставуваат на типизација во Институтот за ветеринарна медицина.

Комисијата за заразни болести донесе заклучок дека во интерес на постапката, до Основното јавно обвинителство ќе бидат доставени и изјави од Институтот за јавно здравје – Скопје, Центарот за јавно здравје – Велес, Институтот по микробиологија и паразитологија – Скопје, како и изјавата на Деканот на Факултетот за ветеринарна медицина – Скопје, во врска со која ќе биде побарано да се испитаат наведените искази од Деканот на Факултетот за ветеринарна медицина.

Констатирано е дека континуирано се вршат увиди од страна на инспектори од Агенцијата за храна и ветеринарство, Државен санитарен и здравствен инспекторат, како и претставници од Центрите за јавно здравје, во производствени погони од месни индустрии, млечни индустрии, се земаат мостри за лабораториска анализа од производство и промет, со цел утврдување на безбедноста на прехранбените производи. Сите потребни документи и резултати од извршени анализи редовно се доставуваат до Основното јавно обвинителство – Скопје.

Извор: kajgana.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …