Цената на пченицата во Бугарија последниве десетина дена расте и е повисока за 4,6 отсто. Според „Блумберг“, причина за ова е кризата во Украина која заедно со Русија снабдува една петтина од светот со лебно жито.
Дополнително на зголемување на цената влијаат и климатските промени и обилните дождови кои го намалија квалитетот. Повисока цена на пченицата има и на американските берзи иако годинава има добар род и се очекува стабилизација за неколку месеци. Според американските експерти, ова би требало да биде позитивен сигнал дека пазарот со лебно жито ќе биде стабилен, односно европското поскапување ќе се балансира со американските цени. Македонските мелничари традиционално секоја година увезуваат пченица од Србија и од Бугарија. Од северниот сосед стигаат вести дека Србија ќе има доволно пченица за извоз. Српските агрономи од Факултетот за земјоделство во Белград велат дека годинава има принос од околу 2,5 милиона тони кој не само што ќе ја покрие домашната потрошувачка, туку и ќе овозможи да се снабдат со лебно жито и традиционалните пазари кои секогаш купуваат од нив. Поскапувањето во Бугарија, барем засега, нема да влијае на цените кај нас. Домашните мелничари велат дека ваквата состојба ќе овозможи стабилна цена на лебот и на белите печива во државава.
Добар род, послаб квалитет
Според македонските мелничари, годинава голем проблем е квалитетот на домашната пченица. Според нив, во моментов само пелагониската пченица е квалитетна и од неа може да се добие добро брашно. За таа пченица плаќаат од 11 до 14 денари за килограм. За останатата, пак, велат дека реалната цена ~ е под 8 денари бидејќи не е квалитетна. Според мелничарите, таа пченица е добра само за мешање со многу квалитетна од Србија или од Бугарија или за производство на сточна храна.
– Имавме состаноци со производителите и со ресорниот министер. Заклучокот беше да се следат понудата и побарувачката, пазарот ја диктира откупната цена. На терен откупната цена не е под 10 денари за килограм, а за квалитетна пченица, како на пример од битолскиот регион се плаќа и до 14 денари. Нашата пченица мора да се меша со увозна за да се добие квалитетно брашно. Годинашниот род ќе тежи околу 300.000 тони, доволно за домашните потреби, но голем дел од таа пченица ќе биде за добиточна храна – вели Николчо Ѓорѓиев, претседател на групацијата на мелничко-пекарската индустрија при Стопанската комора на Македонија.
– Годинава силосите ќе ги наполниме главно со домашна пченица, но и од увоз. Секако дека најавите дека Србија има доволно пченица ни одат во прилог. Остатокот ќе го увеземе оттаму – вели Николчо Георгиев, сопственик на „Мак млин“ од Чешиново.
Според Министерството за земјоделство, откупени се околу 75.000 тони пченица, а просечната цена е 11 денари за килограм. Приносот годинава е рекорден, од 3,5 тони на хектар до дури 6 тони во Пелагонија, но квалитетот е послаб, вели министерот за земјоделство Михаил Цветков.
Според него, големите земјоделски стопанства немаат никаков проблем, ниту со количеството ниту со квалитетот зашто користат сертифицирано семе и применуваат соодветни агротехнички мерки.
Недостиг од 150.000 тони пченица
– Владата ќе продолжи да ги поддржува земјоделците, да им помага, особено на помалите, но и тие од своја страна треба нешто да сторат. Мора да го подобрат производството, да употребуваат квалитетно, сертифицирано семе и соодветно да ја обработуваат почвата – вели Цветков.
Процените се дека оваа година од засеаните 90.000 хектари со пченица, ќе се оженат од 260.000 до 280.000 тони, за разлика од лани кога производството изнесуваше 218.000 тони пченица. Околу 40 отсто од производството или 100.000 тони откупуваат мелничарите. Годишните потреби на Македонија се од 250.000 до 300.000 тони. Ако се има предвид податокот дека ланските резерви во висина од 30.000 тони се префрлени во оваа година, тогаш на Македонија повторно ќе ~ недостигаат околу 150.000 тони пченица кои ќе мора како и секоја година да ги увезе.
Извор: dnevnik.mk