Почетна / Органско производство / Во Македонија регистририрано првото органско ѓубриво

Во Македонија регистририрано првото органско ѓубриво

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ја издаде првата дозвола за регистрација на производството на органско ѓубриво во Македонија.

Течното ѓубриво од калифорниски црви со трговско име „Биофлор“, како што информира Македонската асоцијација за органска храна,  пет години е тестирано на поголеми површини кај сите земјоделски култури. Тестирањата покажаа дека родот е зголемен за 20 до 30 проценти, болестите се намалуваат за 50 проценти, се добиваат покрупни, поубави и повкусни плодови кои порано созреваат и подолго остануваат свежи. Тестирани се и житните култури, градинарските, овоштарници и лозја.

Од Асоцијацијата истакнуваат дека со „Биофлорот“ земјоделците ќе добијат поголем род, двојно поевтино ѓубриво, а за заштитните средства ќе потрошат значително помалку парични средства. Производството ќе им биде поевтино и ќе можат да настапат и на странскиот пазар со квалитетни и поевтини земјоделски производи.

Ѓубривото, бидејќи е во течна состојба лесно се нанесува на нивите, а поребни се 40 литри на хектар. Според пресметките на Асоцијатацијата еден хектар чини 6.000 денари, што е двојно помалку во однос на вештачките ѓубриња.

Од Асоцијацијата истакнуваат дека иако во Македонија подолг период се зборува за органско производство немаме производство на органски ѓубрива и затоа посочуваат дека нивна цел е да го прошират производството на Глисталот – (ѓубре од калифорниски црви во цврста состојба) со кое би се отвориле нови околу 2.000  работни места, но за што е потребна помош од државата.

Ѓубривото од калифорниски црви е едно од најквалитетните ѓубрива на земјината топка. Со „Биофлорот“ и глисталот за многу кус период би се вратиле плодноста на почвите, кои се деградирани и неплодни поради употребата на хемиско ѓубриво долги години.  Тоа, како што посочуваат, е предуслов да се почне со масовно органско производство.

 Извор: http://kurir.mk/makedonija/vesti/90643-Vo-Makedonija-registririrano-prvoto-organsko-gubrivo