Во Земјоделскиот инспекторат на Македонија велат дека во земјава нема влезено ниту килограм од токсичните овошје и зеленчук од Грција, на кои предупредува „Гринпис“, бидејќи увозните пратки кај нас постојано се контролираат.
Овошјето и зеленчукот во Грција содржат 27 различни вида пестициди кои можат сериозно да го загрозат човековото здравје, соопшти грчката филијала на организацијата за заштита на животната средина „Гринпис“. Според „Гринпис“, како што јави БТА, повеќето од пестицидите откриени во грчките овошје и зеленчук се забранети во рамките на ЕУ и се токсични.
Во Земјоделскиот инспекторат на Македонија велат дека во земјава нема влезено ниту килограм од токсичните овошје и зеленчук од Грција бидејќи увозните пратки кај нас постојано се контролираат.
– Нашите инспектори се на терен и постојано се прават испитувања за количината на пестициди во увезените количини. Досега кај ниту еден примерок нема зголемена количина на пестициди од ниту една држава – вели директорот на Инспекторатот, Румен Стаменов. Што се однесува до посочениот пестицид „линурон“, Стаменов вели дека тој воопшто не се користи кај нас.
– Нашите фармери работат само со препарати што се регистрирани во ЕУ. С` што ќе се најде во земјава, а не е на листата, се отстранува експресно, а за корисниците има многу високи казни – вели Стаменов. Според него, можно е истиот препарат да се шверцува во земјава, но и за тоа веројатноста е мала бидејќи има мобилни инспектори кои на терен контролираат со што се третираат земјоделските производи.
И од Агенцијата за храна и ветеринарство дадоа слична изјава – отровно овошје во земјава нема.
– С` се контролира. Ниту еден увозник не би дозволил да увезе нешто што би го нарушило човековото здравје бидејќи казните се високи. Од друга страна, и бизнисот ќе си го доведе во прашање. Досега кај нас не се утврдени количини на овошје и на зеленчук со висока концентрација на пестициди. Дури и мониторингот што го правевме лани за домашните аграрни производи не покажаа зголемено ниво на пестициди – вели Дејан Рунтевски, директор на Агенцијата.
Целата работа почна завчера кога грчкиот разгранок на организацијата за заштита на животната средина „Гринпис“ објави дека грчките овошје и зеленчук се преполни со отрови. Според организацијата, повеќето од пестицидите откриени во овошјето и зеленчукот се опасни за здравјето на луѓето, тие се отровни и се забранети во ЕУ.
Па така, во морков е откриен пестицидот „линурон“, кој може да има штетни последици врз човечките ембриони, како и врз репродуктивната способност на луѓето. Во јаболката се откриени комбинации со три и девет вида пестициди, а кај крушите биле детектирани шест вида отровни супстанции.
Грција нема законска рамка со која потрошувачите би биле заштитени од ваквите производи, наведува „Гринпис“, потсетувајќи дека според важечките грчки закони, може само да се изрече забрана за користење одреден пестицид во траење до најмногу 120 дена.
Извор: dnevnik.mk