Група земјоделски производители од Облешево вчера протестираа незадоволни од работата на Водостопанство Брегалница” и поради неможноста навреме да бидат зафатени водите од проточниоте реки за извршување на сеидбата.
Тие се заканија дека ако во текот на денешниот ден Водостопанство не ја пушти водата по каналската мрежа, ќе го блокираат магистралниот пат Кочани – Штип. Претпријатието, пак, обвинува дека земјоделците му должат 1,2 милиони денари, а имаат уплатено само 276.000 денари што е 20 % од долгот.
– Сеидбата доцни, а водата од водотеците и од хидросистемот се уште не е пуштена. Загрижени сме за севкупните состојби поврзани со сеидбата на оризот – изјави Здравко Арсов, земјоделец од Облешево. Тој лани, до почетокот на мај ги имал посеано површините со ориз што не е случај годинава.
Директорот на Водостопанство Брегалница”, Зоран Беличев, вели дека секундарната мрежа ја чистат водните заедници, а Водостопанство е надлежно само за зафаќање на бентовите за вода. Механизацијата работи на терен и ќе ги зафати бентовите на реките Брегалница, Масалница и Кочанска река.
Извор: vecer.com.mk