Почетна / Вести Македонија / Во Македонија ниту се сади ниту се јаде ГМО

Во Македонија ниту се сади ниту се јаде ГМО

Нема храна со ГМО, нема ниту такви посеви, уверуваат надлежните од Агенцијата за храна, но од Министерството за животна средина признаваат дека Законот за ГМО од 2008 година с` уште не се спроведува целосно.

Во Македонија не се сади генски модифицирано семе, ниту се јаде храна која во себе содржи генски модифицирани организми (ГМО), уверуваат надлежните институции.

С` повеќе расте свеста за контроверзиите што ја обвиваат ГМО-храната и посевите, па граѓаните почнаа да се организираат во групи на социјалните мрежи за да споделуваат информации, а на 25 мај ќе се одржи и протестен марш во Скопје за да се зачува Македонија како земја во која ГМО нема пристап.

Според надлежните, во Македонија, ГМО-состојките евентуално може да се најдат во кондиторски производи, кои во својот состав имаат пченка, соја и сл. Сепак, не е јасно врз основа на што надлежните тврдат дека не јадеме ГМО затоа што не се спроведува контрола што може тоа да го потврди, односно се верува на декларациите.

Македонија со Протоколот од Kартагена за безбедност при модификација на живите организми од 2001 почна да ја контролира оваа област, донесе низа закони за сето ова. Според одредбите, кај нас е дозволено да се сади ГМО-семе, но за тоа треба посебна дозвола од надлежните институции, а може и да се увезува храна со ГМО, што задолжително мора да е означено ако уделот на ГМО во составот е поголем од 0,9 отсто. За овие контроли и дозволи е надлежно Министерството за животна средина, но оттаму признаваат дека Законот за ГМО донесен во 2008 година с` уште не се спроведува во практика!

– Не се извршени контроли од страна на Државниот инспекторат за животна средина. Досега немало случај за барање дозвола за ограничено користење или намерно ослободување на ГМО. Законот уште не се спроведува во практика затоа што не се донесени сите подзаконски акти. До крајот на 2013 година се планира да се заокружи целокупниот сет на подзаконски акти за ГМО. Тековно се спроведува проект за поддршка за имплементација на националната рамка за биосигурност и ќе се направат анализа и пресек на капацитетите за управување со ГМО, со кој располага нашата земја. Планирани се обуки за процена на ризик на сите заинтересирани страни, како и обуки за инспекторите, информирање на јавноста итн. – објаснуваат во Министерството за животна средина.

И во Агенцијата за храна велат дека во Македонија нема храна што содржи ГМО, а не се увезува ниту таква храна за животни.

– До Агенцијата за храна и ветеринарство досега не е доставено барање за ставање во промет на ГМО-храна. Нашите инспекторите при вршење на редовните контроли го контролираат и декларирањето и задолжително се проверува дали храната која е во промет е означена дека содржи ГМО. Агенцијата досега нема податоци дека на пазарот има производи што содржат ГМО, односно кои не биле декларирани на соодветен начин – велат во Агенцијата.

Во Министерството за земјоделство, пак, објаснуваат дека секое семе што се увезува се контролира.

– Kонтролата на семенскиот материјал, без разлика дали е увезен од земја-членка на ЕУ или од трети земји, се врши на местото на истовар, а земените мостри за анализа се носат во УГД „Гоце Делчев“ – Штип – велат во ова Министерство.

Во Македонија има две лаборатории во кои може да се контролира дали има ГМО во храната, на Факултетот за земјоделство и во МАНУ. Според она што досега го изјавиле надлежните во лабораторијата на Факултетот, државните институции не пројавиле интерес за соработка, а контрола дали некој производ има ГМО засега побарале само некои приватни компании.

Познавачите сметаат дека на производите од земјите од ЕУ може да им се верува на декларациите затоа што храната подложи на строги контроли, а обележувањето на ГМО е задолжително.

– Проблем е храната или состојките што се увезуваат од САД, Kанада, Австралија, Kина, Аргентина и од други земји, кои не се потписнички на Kартагинскиот протокол и каде што не се обележува ГМО во составот. Со оглед на слабата контрола кај нас, не можеме со сигурност да тврдиме дека не јадеме ГМО – велат познавачите.

Протести на 25 мај

Поради големите контроверзии за ГМО, на 25 мај во 36 земји, вклучително и во Македонија, ќе се одржат протести против американската биотехнолошка корпорација „Монсансто“, која е најголем светски производител на ГМО-семиња и храна. На „Фејсбук“, деновиве се формира група за Македонија без ГМО, што ја формира една позната лекарка и во која набргу се приклучија илјадници членови.

– ГМО настанува кога се мешаат гени на животни (бубашваби, риби, жаби, бактерии или луѓе) со растенија. Тоа не се хибриди што се добиваат со мешање на две растенија. ГМО не може да настане природно, па нашиот организам ги препознава како туѓо тело и реагира со создавање автоимуни болести.

Производителите на ГМО инсистираат тоа да не биде обележано на пакувањето. Зарем би инсистирале доколку е безбедно? Руски научници докажаа дека ГМО предизвикува рак, како и стерилитет. Да го зачуваме нашето поколение – апелира лекарката на страницата на „Фејсбук“.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …