Лани државата на вкупно 63 одгледувачи на костен им исплати 2,5 милиони денари поддршка.
Годинашните субвенции за хектар јаткасти овошни култури, вклучувајќи и новоподигнати насади костен, изнесуваат 50.000 денари, а за постоечките површини под ореви, бадеми, лешници и костени се 15.000, рече министерот за земјоделство, Љупчо Димовски при посета на стопанскиот капацитет за преработка на костен ДРА-ГО” во Кичево. Според него, Македонија моментно располага со 139 хектари култивиран костен. Одгледувањето на оваа култура, која има низа позитивни карактеристики, носи и добра заработувачка.
– Ретко на која домашна трпеза не се нашол познатиот и признат по квалитет македонски костен. Неговото одгледување има многу позитивни страни, долговечен е, достигнува и над 500 години старост, има одлична родност, мал број природни непријатели (болести и штетници), а доколку се одгледува во поволни еколошки услови не мора да се третира со никакви заштитни средства – истакна министерот.
Компаниите кои ги откупуваат костените ги пласираат главно во Романија, Бугарија и Италија, каде што се користат пред се во кондиторската индустрија. Преработувачкиот капацитет во Кичево, единствен од ваков тип на поширокиот простор на Балканот, е сопственост на Гоце Миладиноски кој изјави дека дел од преработките извезува, главно во Унгарија, а од другиот дел прави костеново брашно. Како суровина најмногу користи костени од Македонија кои ги откупува од четирите пункта, во реонот на Тетово-Гостивар, во Бродско, Дебарско и Кичевско.
Извор: http://vecer.com.mk/?ItemID=698977D866D854458FDAAC0BC854BEDE