Агенцијата за храна и ветеринарство ги потсетува операторите со храна, дека на 31 декември истекува преодниот рок од две години, во кој согласно Законот за безбедност на храната треба да се регистрираат во Агенцијата.
-Напоменуваме дека обврската важи и за операторите со храна кои претходно биле евидентирани во поранешната Дирекција за храна, стои во соопштението од АХВ.
Регистрацијата ќе значи потврда дека тие го усогласиле своето работење со одредбите од овој Закон, кој налага во промет да се стави храна која е подготвена или се продава исклучиво во објекти кои се одобрени и регистрирани од Агенцијата за храна и ветеринарство и каде инспекциските служби вршат редовни контроли во сите фази на производството, преработката и дистрибуцијата на храна.
Операторот со храна е должен до крајот на годинава да ја информира Агенцијата за секој објект во кој врши било која фаза од производство, преработка и дистрибуција на храна и согласно член 49 став 3 од Законот и да поднесе барање за регистрација. Процедурата за регистрација на операторите со храна и објектите е дефинирана во Правилникот за формата и содржината на регистарот на објекти и оператори со храна од неживотинско потекло, формата и содржината на регистарот на објекти и оператори со храна од животинско потекло, формата и содржината на барањето за регистрација и начинот на регистрација на операторите со храна и објектите („Службен весник на Република Македонија“ број 49/2011, 15/2012 и 112/2012), кој може да се најде на интернет страницата на Агенцијата за храна и ветеринарство ( www.ahv.gov.mk).
Казните за непочитување на обврската за регистрација на операторите согласно Законот за безбедност на храната изнесуваат 500 евра во денарска противврденост за физичките лица и 2 илјади евра за компаниите.
Казна од 5 илјади евра Законот предвидува за правните лица кои ставаат во промет храна која е подготвена во објекти кои не ги исполнуваат хигиенските услови и кои не се регистрирани како оператори со храна во Агенцијата.
Извор: http://kurir.mk/makedonija/vesti/93865-Operatorite-so-hrana-da-se-registriraat