Иницијативниот одбор на оризопроизводители од Кочанско вчера протестираше пред зградата на општина Кочани поради непочитување на договорот за откупната цена од 25 денари за килограм оризова арпа и најниската откупна цена за 20 денари за килограм.
– Оризовата арпа откупувачите ја земаат 9 до 13 денари за килограм со што земјоделците се оставени на милост и немилост – истакна Јордан Манасиев, претседател на иницијативниот одбор на оризопроизводители.
Тие до Владата на Република Македонија поднесоа три барања со кои бараат да се откупи оризовата арпа од 25 денари за килограм, односно 20 денари, да се пролонгира рокот за субвенционирање на земјоделците затоа што тој е до 15 декември и да се даде одговор на овие барања од страна на ресорниот министер, Љупчо Димовски. Според Манасиев, доколку Владата не им излезе во пресрет тие ќе продолжат со протестите со намера да организираат свој синдикат.
Од Министерството за земјоделство изразија жалење за организирањето на протестот и посочуваат дека договорот постигнат меѓу Владата преку ресорното Министерство за земјоделство со оризопроизводителите и откупувачите е историски.
– Министерството за земјоделство вложи напори на иста маса да седнат претставници на оризопроизводителите од една страна и откупувачите на ориз, од друга страна за постигнување договор за формирање на просечна откупна цена од 20 денари за килограм за оризова арпа од овогодишната реколта. Притоа дефинираниот рандеман од 50% беше прифатен од двете страни, како единствени фактори на договорите – велат од Земјоделие.
Доколку некој навистина сака да стави крај на манипулациите, се посочува во соопштението, потребно е да ги пронајде причините за тоа, но тие не се во Министерството за земјоделство.
– Цврстото ветување кое Министерството за земјоделство го даде пред оризопроизводителите со реализирање на сите барања во Програмата за финансиска поддршка е целосно исполнето – стои во соопштението.
Извор: http://vecer.com.mk/?ItemID=0CBE43C5289BF343BCF4E0A867C80C34