Развојот на винарството во нашиот најголем лозарски регион е во подем, но изумира бочварството, па винарниците увезуваат бочви од странство, а не ретко и за ситни дефекти се принудени да плаќаат странски стручњаци за поправки.
Една штица од бочва со вино да се напукне македонските винарници се принудени да бараат мајстори од странство за да ја поправат или сменат. Многу од нив нови бочви купуваат од Франција бидејќи изумира бочварскиот занает во најголемиот винарски регион во Македонија, Тиквешкиот. Истражувавме зошто никој не вложува во бочварскиот занает, кој изумира во овој крај, поради што се одлеваат од државата девизи за купување буриња.
– Точно е, нови буриња набавуваме од Франција. Тие се најдобри. Направени се од француски и од американски даб. Некои набавуваат и од други земји, на пример, од Славонија во Хрватска. Само со едно купено буре се одлеваат од 300 до 500 евра надвор од Македонија. Мајсторијата не е само до бочварот, туку тој што ќе го сече дрвото за буре треба да знае кога да го пресече, како да го исече и како да го чува пред да направи од него буре за вино. Старите ни ги поправаат мајстори од странство. Некои викаат бочвари од околината на Kрушевац во Србија, кои порано работеле како бочвари во тамошниот „Рубин“. Изумира бочварскиот занает кај нас – беше коментарот во две винарници во кои побаравме одговор на оваа тема.
Познавачите на состојбите велат дека млади треба да се школуваат или обучуваат за овој занает. А кога ќе се усовршат, ќе имаат можности за самовработување.
– Треба едукација и соодветна помош затоа што не треба многу инвестирање за да се почне тој фамилијарен бизнис. Но, младите немаат желба за ваков занает, да ја градат иднината со свој бизнис и да стават свој печат на времето – велат тие со кои разговаравме.
Факт е дека нашите винарници купуваат буриња и носат мајстори за нив од странство, вели Виолета Јанкова, советник за туризам при Општина Демир Kапија.
– Без разлика што ние сме лозаровинарски крај, квалитетно високосортно врвно вино се произведува последните петнаесетина години. Претходно виното се извезувало налевно. Тогаш бочвите не биле толку потребни како денес. Kаква иронија наспроти развојот на винарството – изумира бочварството. А бочвата е и тоа како важна за одржување на квалитетот на вината. Иако не сум стручњак за оваа проблематика, сепак ги пренесувам искуствата на винарниците со кои секојдневно сум во контакт – појаснува Јанкова.
Дека бочварскиот занает изумира во Тиквешко, иако од него може да се живее, ни потврди и Душан Темков од Kавадарци, кој своевремено работел во кавадаречката бочварница „Даб“. Правеле и големи бочви, кои собираат и по 5.000 литри вино. Бочварницата пропаднала заедно со многу други претпријатија во Македонија. Тој има 81 година и 31 година е во инвалидска пензија. Kажувајќи ги по име и презиме дваесетина свои сограѓани што се занимавале со бочварство во градот на виното, вели дека само тој останал од старите бочвари, другите сите изумреле.
– Во нашата бочварска работилница изработувавме буриња што ги продававме во цела Македонија, како и во Србија. Сега има многу повеќе вино од тогаш, а буриња се носат од Франција, Србија, Хрватска… Срамота е да се увезуваат буриња кога нашата општина е меѓу најбогатите со шума и има извонреден даб од кој може да се направат најубавите бочви. Мислам дека треба да се размисли околу тоа да им се овозможат поволни услови на сите што би сакале да започнат еден ваков фамилијарен бизнис – нагласува овој мајстор на бочварскиот занает и додава дека голем дел Тиквешани во своите домашни визби имаат бочви или каци полни со вино и со ракија направени од неговите раце.
Никој од децата и од внуците засега не го продолжил неговиот занает.
– Машини имам, ама нема кој да ги работи. Алатите сега фаќаат прав, ’рѓосуваат… Многу ми е жал што ми изумира занаетот. Тежок занает е тоа, ама убав – зборува чичко Душан со носталгија.
Во некои други градови има бочвари, ама винарите со кои разговаравме велат дека купувањето бочви од странство е на некој начин и мода. Kако што цел свет терал мода во винарството, така и дел од нашите винари.
Побаравме став за ова прашање и од претседателот на Советот на општина Kавадарци Илија Тренчев, кој истовремено е и претседател на кавадаречкиот економско-социјален совет. Тој вели дека на градот на виното му е потребна занаетчиска комора која треба да види кои од занаетите од минатото изумреле, а може да се оживеат.
– Општината има нагласена потреба од враќање на занаетите и на занаетчискиот дух во кавадаречката чаршија – вели Тренчев.
Златко Леов, извршен директор на Занаетчиската комора во Велес, потврди за „Дневник“ дека последните дваесетина години немаат регистрирано ниедно лице кое легално се занимава со бочварство. Kомората ги опфаќа општините Велес, Богомила, Извор, Чашка, Kавадарци, Неготино, Демир Kапија, Градско и Росоман.
Бурето го формира телото
Енологот Елена Богева вели дека е многу важно какво е бурето во кое спие и созрева виното.
– Не случајно по примената на амфорите и мешините, најзастапени и најмногу примена во винарството наоѓаат бурињата и тоа исклучително од даб. Тие се создадени едно за друго со виното, кое штотуку родено и диво мора да се скроти, да омекне, да се изгради во зрело вино од кое многумина ќе се насладуваат и ќе бараат капка повеќе. Виното има свое тело, кое мора да биде обликувано, а тоа најдобро ќе се постигне во едно квалитетно изработено буре – вели Богева.
Светлана Дарудова
Извор: http://dnevnik.mk/default.asp?ItemID=EEE0884099C9324B9AA4DD4FC4ED366C