И покрај светската економска криза, македонското земјоделство и преработувачката индустрија во делот на извозот продолжуваат да остваруваат рекордно високи резултати, истакна заменик-министерот за земјоделство, Зоран Коњановски по средбата со членовите на Здружението на преработувачи на овошје и зеленчук – МАП.
– Во 2010 извозот беше рекорден со реализирани 424 милиони евра, лани изнесуваше 469 милиони, а годинава заклучно со септември достигна 350 милиони евра. До крајот на 2012 очекуваме да се постигне нов рекорд во овој сегмент – нагласи Коњановски.
Истовремено, посочи тој, се зголемува и извозот на преработки од овошје и зеленчук, од 11,6 милиони долари во 2001 на 45,4 милиони во 2011. Во 2001 година беа произведени 21.000 тони преработки на овошје и зеленчук, а во 2011 вкупно 53.000 тони.
– Радува фактот дека компаниите ја финализираат 2012 година со уште подобри резултати. Тоа е дополнителен предизвик за нас, да продолжиме со заедничка работа, со поддршката на оваа гранка и изработката на маркетинг стратегиите. Само така можеме да се движиме во вистинска насока – потенцира заменик министерот.
Тој најави интензивни обуки за земјоделците со цел обезбедување поголем квалитет и повисоки стандарди. Воедно апелираше преработувачите да го поттикнуваат договорното производство зашто тоа е начинот за постигнување конкурентност.
– Имаме со што да се пофалиме на странскиот пазар и таа можност треба да ја искористиме. Преку дијалогот што го воспоставуваме меѓу производителите и откупувачите, инвеститорите и институциите, учествуваме во градењето на модерно земјоделство, рече Коњановски.
Осврнувајќи се на владината поддршка, тој потсети на поволните кредитни линии за преработувачите, 500.000 евра со камата три отсто, како и на дополнително воведените 1,5 и 2,5 денари за градинарските култури предадени во преработувачките капацитети и двата денара за килограм предадено овошје. Идната година, подвлече, продолжува и поддршката за учество на меѓународните саемски манифестации.
Преработувачите потврдија дека во време кога индустриското производство опаѓа поради кризата, тие во континуитет бележат позитивни резултати.
– Во однос на производството ова е рекордна година. Времето се погоди, минатиот месец преовладуваше топло време, имаше доволно суровина. И извозните резултати се подобри од лани. Во следната, 2013 година, не очекуваме поголеми проблеми. Сепак, останува да видиме како ќе биде организиран извозот и со кои пречки ќе се соочиме – изјави Сашо Ристески од МАП.
Според него, домашните производи генерално ги задоволуваат основните стандарди за безбедност и квалитет диктирани од ЕУ. Стандардите, пак, што ги наметнуваат големите приватни маркети во Западна Европа, се предност и истовремено закана за македонските производи. Но, ако еднаш се постигнат, отвораат огромен пазар.
Извор: http://vecer.com.mk/?ItemID=DDAE02B63404834DB8A97BE812C75FB7