Винарите од Тиквешко, како најголем лозаровинарски регион во Македонија, не сакаат да откупуваат „смедеревка“ под 16 шеќерни единици. Вака претставници на винарски визби одговорија на реакциите на лозари дека не можеле да го продадат грозјето од најзастапената бела винска сорта на грозје во Тиквешијата.
– Препорачуваме грозјето од сортата „смедеревка“ да не се бере предвреме и зелено, туку да се почека да созрее. Дури тогаш да се бере и да се носи во преработувачките капацитети. Не дека некој не сака да откупува грозје од оваа сорта, која е исто така важна во винарството, туку никој не сака кисело грозје од кое не може да направи квалитетно вино. Минимално дозволената шеќерност за која е договорена цена од 11 денари за килограм мора да се почитува. Шеќерноста на грозјето да не оди под таа граница – велат винарите за „Дневник“.
Во подрачната единица на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство во Kавадарци засега не бил пријавен случај винарите да не сакаат да му ја купат „смедеревката“ на некој од лозарите. Но, со поплаки за непримање „смедеревка“ поради мала шеќерност лозари се обратиле во регионалниот Сојуз на лозари „Агротиквешија“ од Kавадарци.
– Инаку навистина дел од грозјето од сортата „смедеревка“ годинава има помала шеќерност од 15 малигани во одредени региони поради заладувањето, кое пред неколку дена го зафати Тиквешко, особено покрај река – велат од „Агротиквешија“.
Во винарската визба „Повардарие“ од Неготино се децидни дека нема застој при откупот на „смедеревката“.
– Грозјето мора да ја има минималната шеќерност. Ние засега немаме проблем со откупот на „смедеревката“. Но, на откупните пунктови каде што има таков проблем најверојатно е во прашање зелено, недоволно зрело грозје. Затоа апелираме до лозарите да се воздржат од берење незрело грозје. Оти сите сакаат да го оберат родот од лозјата во еден ден, а, што се вели, грозјето не стасува во исто време. На лозарите исто така им препорачуваме пред да се пуштат во берба преку мостра да ја проверат шеќерноста на грозјето во своето лозје – категоричен е директорот Ванчо Kузманов.
Извор: dnevnik.mk