Почетна / Вести Македонија / Винарница се гради, виното продадено

Винарница се гради, виното продадено

Лозарите очекуваат поголема конкуренција при откупот на грозјето, односно поголеми цени за еден килограм грозје и негова навремена исплатa.

Нова винарска визба никнува во Kавадарци, а виното што есенва првпат ќе се произведува во неа, веќе е продадено. Вака ни рекоа работниците што се ангажирани таму кога деновиве бевме на самото место да видиме како тече монтирањето на опремата во плацот на кој некогаш беше кавадаречки ладилник.

– Велиме винарницата се гради, а виното е продадено бидејќи однапред се знае кој ќе го пие виното произведено во неа, која се гради преку мешовита германско-македонска компанија со седиште во Битола. Виното од сите сорти, а најмногу од најзастапените „вранец“ и „смедеревка“, ќе заврши на европските пазари. На почетокот како налевно, со интенција за производство и на пакувано вино – велат работниците, кои со голем елан работат на плацот.

Засега се петмина вработени, а вкупниот број на работно ангажирани со заокружувањето на инвестицијата се очекува да биде триесетина. Винарницата планира да откупи околу 12 милиони килограми грозје, од кое треба да се произведат околу 10 милиони литри вино. Веќе се разговара со лозарите што сакаат да го донесат своето грозје овде за регулирањето на договорите за соработка. За да им се излезе во пресрет во екот на производствената сезона во лозјата, им се нудат пестициди на одложено плаќање. На влезот во винарската визба веќе е отворена земјоделска аптека.

– На нашите кооперанти им нудиме средства за заштита на лозјата од штетници по поевтини цени. На тој начин им помагаме да го организираат производството, а тие ќе ни платат при донесувањето на родот од нивите. Со тоа им ја олеснуваме работата. Планираме во иднина за нив да обезбедуваме и ѓубрива за ѓубрење на лозовите плантажи заради прихранување на лозата, без разлика дали станува збор за вештачки ѓубрива или за биолошки, кои се ставаат при органското производство – објаснуваат од визбата.

Со зголемувањето на бројот на винарници, лозарите од Тиквешко, како најголем лозаро-винарски регион во Македонија, очекуваат поголема конкуренција при откупот на грозјето, односно поголеми цени за еден килограм грозје.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …