Почетна / Вести Македонија / Одгледувањето цвеќе е мојот живот

Одгледувањето цвеќе е мојот живот

Би била среќна кога што повеќе луѓе би одгледувале цвеќе. Тогаш, верувајте, сте поспокојни. Kај мене постојано доаѓаат посетители што сакаат да уживаат во глетката, вели скопјанката Најдова, која 30 години одгледува цвеќиња.

 

Шеесет и петгодишната скопјанка Марија Најдова целото слободно време му го посветува на дворот, кој ~ враќа со мир и убавина. Вели дека кога повеќето луѓе би одгледувале цвеќиња, животот на многумина би им бил поспокоен и поисполнет. Најдова живее за своите убави растенија, а одгледувањето и грижата за нив ги смета за култура на живеењето, која бара време, внимание и многу љубов, исто како и малите деца.

– Ќе одгледате добро цвеќе кога ќе одгледате добро дете – тврди Најдова.

Потврда се преубавите розови петунии и осмислениот двор на улицата Лазар Димитров број 15б во населбата 11 Октомври за што таа ја доби наградата за најубаво уреден двор за 2013 година, што Градот Скопје ја додели по повод 5 јуни, Светскиот ден на животната средина.

Отсекогаш сакала да има едноставен, лесен за одржување, но убав двор, двор што ќе прилега на куќата, која за неа е топла и мирна.

– Веќе 30 години имам убав двор. И претходно, кога с` уште не беше направена куќата, се грижев дворот да ми биде среден, но, се разбира, во согласност со изгледот на куќата. На почетокот тоа беше барака. По смртта на сопругот, на истото место со синот направивме нова куќа – вели Најдова.

По будењето, веднаш излегува за да види дали е с` во ред.

– Едноставно, тоа ми причинува задоволство и се чувствувам убаво кога сум во дворот. Целата идеја за начинот на уредувањето е моја и с` што гледате е мој труд. С` што е во дворот, претходно е осмислено до перфекција. Ништо не е оставено на случајот. Чувството за убавото, естетското, човек го носи во себе. Но, нешто можеби сум наследила и од мојот татко, кој се занимаше со генетика и работеше на Шумарскиот факултет. Од еден корен ружа калемеше пет бои – потенцира Најдова.

Освен петунии, на кои Марија посебно се гордее бидејќи се ретко убави и големи, во дворот има и камења во чии дупчиња има засадено кактуси што цветаат во различен период.

– Секоја година садам петунии, Скопје има погодна клима за нив. Имам 24 рози во шест бои. На влезот имам засадено розови бегонии и петунии – објаснува Марија и вели дека никогаш не скинала цвеќе за да стави во ваза.

– Цвеќето припаѓа онаму каде што е засадено. Не сум дозволила да се скине од дворот. Ако треба, ќе купам – вели таа.

Патеките се поплочени со природен камен, а тревникот во задниот дел Марија го коси еднаш неделно. Благодарение на креативноста успеала да ги задржи четирите столба од некогашната капија на старата куќа и од нив направила жардиниери. Планира да направи и скара за синот и за неговите пријатели.

– Тие рачно направени столбови се резбани четири месеци. Затоа со синот решивме да ги задржиме и многу убаво се вклопија во задниот двор каде што има и масичка со клупа за седење. За навечер имам седум светилки, кои на дворот му даваат романтичен лик – вели Марија.

Бидејќи дворот бара време, сопственичката му посветува минимум два часа дневно, и тоа наутро.

– Сега сум пензионер и имам доволно време. Би била среќна кога што повеќе луѓе би одгледувале цвеќе. Тогаш, верувајте, сте поспокојни. Постојано имам посетители, дури и такви што не ги познавам. Слушнале дека на оваа улица имало убав двор и доаѓаат да го видат. Некои ќе ме прашуваат дали може да седнат на клупата за да се одморат и да поуживаат. Јас им дозволувам, зошто да не, оти тоа ми причинува големо задоволство – вели Марија.

Таа не го чува искуството само за себе, туку несебично го дели со заинтересираните соседи. Таа им е главен советник за нега на цвеќиња.

– Постојано ме прашуваат бидејќи знаат дека читам за цвеќињата. Ако некој сака да одгледа убаво цвеќе, треба да се едуцира, да прочита, да види. Јас ги имам посетено сите расадници во Скопје и во околината. Kај нас има избор на цвеќиња и добри производители на цвеќе. Имам купувано и од странство, од Грција, но најубаво успеваат цвеќињата од кај нас, а и поевтини се. Во Хрватска, на пример, тоа е трипати поскапо отколку во Македонија. Имаме среќа за малку пари да си правиме големи задоволства – заклучи нашата вредна сограѓанка.

Дрвјата посветени на внучињата

За да им ја всади љубовта кон цвеќињата, растенијата и дрвјата, неколку од дрвјата им ги посветила на внучињата.

– Најголемото егзотично дрво е на мојот најстар внук, четиригодишниот Максим од синот. Едно е посветено на осуммесечна внука Хана, исто така од синот, а најмалото дрво е за четиримесечниот внук Борна, од ќерката, кои се во Загреб. Јас живеам сама бидејќи синот Евгениј со семејството е во Kазахстан и затоа целата моја енергија ја вложувам во дворот. Kога работам, мислам на нив. Сакам да им создадам навика, ако ништо друго, кога повеќе ќе ме нема, секој да си се грижи за своето дрво – раскажува Најдова.

Анела Петрова

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …