Почетна / Вести Македонија / Орав: Органското производство е предизвик за секој фармер

Орав: Органското производство е предизвик за секој фармер

Зајакнување на институционалните капацитети и подобро функционирање на секторите за органско земјоделство е целта на проектот финансиран од Европската унија што ќе се спроведува во Македонија до мај 2014 година.

За овој период ќе биде направена анализа на институционалните потреби и ќе се идентификуваат производите кои можат да бидат со заштитна ознака и да се регистрираат во соодветни регистри. За спроведување на овие активности ќе бидат ангажирани меѓународни експерти кои ќе бидат вклучени во обуки, работилници и работни средби.

Проектот чини 700.000 евра, а твининг партнер на македонското Министерство за земјоделство е Министерството за земјоделство, прехрана и шумарство на Италија.
Според проектот кој вчера го презентираа евроамбасадорот, Аиво Орав и министерот за земјоделство Љупчо Димовски, во делот на заштитата на квалитетот планирано е да се воспостави сеопфатен систем за развој и заштита на квалитетот на земјоделските и прехранбените производи, а во делот на органското земјоделство целта е да се формира стручен кадар што ќе ги изведува потребните тестирања поврзани со органското производство.
– Главни корисници на овој проект ќе бидат институции од секторот земјоделство, но и производителите кои со прилагодувањето кон европските стандарди и исполнувањето на критериумите го подобруваат квалитетот на производите и стануваат поконкурентни на пазарот – нагласи министерот Димовски.

Евроамбасадорот Аиво Орав истакна дека органското производство е предизвик за секој фармер и оти секој земјоделец мора да работи за да има добра репутација и поголем квалитет на земјоделските производи за да може да биде поконкурентен на странските пазари. Тој посочи дека во последните години во земјите од Европската унија се поголемо значење му се дава на органското производство.

За време на проектот ќе се изврши избор на продукти што би биле заштитени и регистрирани по основ на различни критериуми.

Извор: vecer.com.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …