Почетна / Вести Свет / Јагнешкото поевтино од пилешкото

Јагнешкото поевтино од пилешкото

Килограм јагнешко на светските берзи, според просечните цени, чини 1,7 евра, додека цената на пилешко месо на големо изнесува 1,75 евра за килограм. Драстичен пад на цената има и на македонскиот пазар, на којшто килограм јагнешко жива мера од прва класа чини од 145 до 170 денари, додека лани чинеше од 180 до 185 денар.

Во последната година има значајни промени на цените на намирниците што се тргуваат на светските берзи. Значително се поевтинети кафето, бананите, шеќерот, а драстично се зголемени цените на пченицата и деликатесните производи.

Кафето и чајот во маркетите би требало значително да поевтинат, бидејќи цената на овие намирници од мај 2012 година до мај 2013 година на светските берзи бележи пад од повеќе од 20%. Додека килограм кафе на берзите лани се купуваше за 2,8 евра, денес неговата цена изнесува 2,3 евра.

Поевтинет е и чајот чијашто цена бележи пад од 2,8 евра на 2 евра за килограм. За десет години – од 2003 година до денеска, цената на кафето е зголемена за четири пати.
Пониски цени би требало да имаат и бананите. Омиленото тропско овошје на берзите е поевтино за 10%, споредено со лани. Тон банани лани се продавал за отприлика 700 евра, што значи дека еден килограм во големопродажба чинел околу 70 центи или околу 42 денари. Цената на бананите паѓа од март годинава кога еден тон чинел 872 евра. Но, за разлика од 200 година кога еден тон банани чинеше 450 евра, оваа цена денес е драстично поголема.
Надолен тренд последнава година бележи и цената на шеќерот на светските берзи. Од околу 500 долари за тон во мај 2012 година на 370 евра за тон во мај годинава. Поради заштита на домашниот пазар, во Европа, од каде што најчесто се снабдуваме со оваа намирница, европските цени и понатаму остануваат на висина од половина евро по килограм. Додека цената на оваа намирница падна за повеќе од 20% на светските пазари, на европскиот пазар се уште е задржана цената и затоа не треба да се очекува промена на цената на пазарот на мало.
Додека цената на шеќерот држи цена, расте цената на пченицата на берзите. Во изминатата година цената на пченицата бележи раст за повеќе од 16%. Денес за тон пченица се плаќа 237 евра, односно килограм пченица чини околу 0,24 евра, или околу 14,7 денари по килограм.
За десет години цената на пченицата е значително поскапена, бидејќи во 2003 година таа чинеше 0,13 центи по килограм.

Цените, пак, на деликатесните производи растат до небо. За една година повеќе од 40% е порасната цената на лососот и шкампите. Килограм шкампи на светските берзи сега чини 19,55 евра, а килограм лосос – 5,5 евра. Наскоро ќе поскапе и маслиновото масло бидејќи неговата цена која во кризата драстично се намали, сега почнува да се опоравува. Во моментов литар маслиново масло чини 3 евра, а тоа е цената од 2008 година. Минатата година цената изнесуваше 2,2 евра што е голем раст за една година.

Јагнешкото, пак, на светските берзи, според просечните цени е поевтино од пилешкото. Додека килограм јагнешко чини 1,7 евра, цената на пилешко месо на големо чини 1,75 евра за килограм. Драстичен пад на цената има и на македонскиот пазар каде што килограм јагнешко жива мера од прва класа во моментот чини од 145 до 170 денари за килограм, додека на крајот на минатата година се продаваше за просечна цена од 180 до 185 денари за килограм.

Цената на пилешкото месо константно расте во изминатите пет години, додека јагнешкото континуирано губеше на цена. Најскапо месо и понатаму е говедското кое чини 3,26 евра по килограм жива мера, а најниска е цената на свинското за кое за килограм на светските берзи се плаќа 1,3 евра. (Ал.С.)

ОЕЦД – ФАО: Храната за една деценија ќе поскапи и до 40%
Организацијата на Обединетите Нации за храна и земјоделство (ФАО) и Организацијата за економска соработка и развој (ОЕЦД), предвидуваат дека цените на храната во светот во наредната деценија ќе пораснат од 10% до 40%. Овие организации сметаат дека е потребно владите на државите да ги зголемат инвестициите за поголемо земјоделското производство, кое во последно време е забавено. ФАО и ОЕЦД оценуваат дека поголемата побарувачка, наспроти растот на приходите и бавниот раст на понудата, ќе направат притисок кој ќе се одрази преку зголемување на цената на храната.

Овие две организации наведуваат дека во последната деценија инвестициите во земјоделството се намалени како резултат на падот на цената на земјоделските производи. Затоа владите треба да одговорат на растот на цените на храната со зголемување на инвестициите во технологија со цел да порасне производството и да им се помогне на земјоделците своите производи полесно да ги пласираат на пазарите.

Извор: vecer.com.mk

Check Also

Маслиновото масло ќе поскапи за 30-40 отсто

Екстремна суша со месеци ја погодува Шпанија, додека на италијанските плантажи со маслинки се појавија …