Доуредување на односите меѓу производителите на винско грозје и на вино, заштита на нивните интереси и на интересите на потрошувачите, подобрување на функционалноста на внатрешниот и надворешниот пазар на винското грозје и виното, како и уредување на увозот на вино во Република Македонија, се основните цели на измените и дополнувањата на Законот за вино кои го поминаа првото читање во собраниската Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство.
Предлог текстот, како што образложи ресорниот заменик министер, Зоран Коњановски, предвидува дополнителни механизми за обезбедување гаранции за исплата на земјоделските производи со цел намалување на тензиите во договорните односи меѓу чинителите во синџирот за снабдување со храна, вклучително и виното.
– Винарските визби се обврзани да доставуваат финансиски извештај за исплатеното грозје, односно за подмирените обврски кон лозарите во претходните години. Ако тоа не го сторат, нема да добијат дозвола за натамошен откуп – рече Коњановски.
Законот предвидува основање македонска национална асоцијација на винарии. Нејзини членови може да бидат сите регистрирани производители на вино во Македонија. Се предлага и воспоставување регистар на увозници на вино со цел водење конкретна, точна евиденција на внесените количини, додека за подобрување на функционалноста на надворешниот пазар ќе се уреди и сегментот извоз на производи од винско грозје и производи од вино што во постојното решение не беше доволно третиран.
Измени има и во прекршочните одредби кои во досегашната примена на Законот не го остварија посакуваниот ефект. Овој Предлог закон предвидува зголемени глоби за дел од прекршоците кои сериозно го загрозуваат функционирањето на пазарот и можат да имаат негативно влијание на здравјето на потрошувачите на вино.
Извор: http://vecer.com.mk/?ItemID=E294D14AAE5B97478BE759DB8ED6D91F