Собраниската Комисија за земјоделство, шумарство и водостопанство на денешната седница го разгледа Предлог законот за земјоделски задруги, оцени дека е прифатлив и го даде на натамошно, второ читање.
Образложувајќи го текстот, ресорниот заменик министер Зоран Коњановски истакна дека законот системски го уредува основањето и функционирањето на задругите како општа форма на економско здружување на земјоделските стопанства.
Задругата е дефинирана како организациска форма на доброволно здружување на земјоделски стопанства заради остварување поединечни и заеднички економски, социјални, културни и други интереси и потреби при вршењето земјоделска дејност. Членовите се еднакви и рамноправни по принципот еден член – еден глас.
– Во период кога како држава го имаме почнато процесот на окрупнување на земјоделските површини што ќе се реализира наредните десет години, цениме дека со законот и концептот за развој ќе се поттикне и постигне здружување на земјоделското производство, создавање земјоделски задруги кои ќе соработуваат во делот на примарното земјоделско производство, преработките, трговијата со земјоделските производи и преработки, услугите поврзани со овие дејности, како и трговијата и услугите поврзани со инпутите за примарното земјоделско производство и преработките на земјоделските производи – нагласи заменик министерот.
Задруга може да основаат најмалку 10 земјоделски стопанства евидентирани во Единствениот регистар кои притоа ја задржуваат правната форма што ја имале пред зачленувањето во земјоделската задруга. Едно земјоделско стопанство може да членува во повеќе земјоделски задруги, но не и да има повеќе од 30% од вредноста на производствените капацитети во земјоделската задруга.
Според предложеното решение, земјоделската задруга може да биде од мал или од голем обем што зависи од бројот на членовите и нивните производствени капацитети. Мала е доколку брои најмалку 10, а најмногу 19 членови, додека голема ако има минимум 20 членови. Ги остварува дејностите во областа на примарното земјоделско производство, преработките, трговијата со земјоделските производи и преработки, услугите поврзани со овие дејности, како и трговијата и услугите поврзани со средствата кои се користат во процесот на примарното земјоделско производство и преработките на земјоделските производи.
Законот го обврзува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да востанови и води регистар на земјоделски задруги, додека задругата е должна да води евиденција на членовите и на производствените капацитети на членовите и на задругата.
Земјоделските задруги формирани и запишани во Регистарот ќе добиваат финансиска поддршка од државата согласно овој и Законот за земјоделство и рурален развој. Помогнати ќе бидат при основањето, за воспоставување административни и технички капацитети, ангажирање стручни лица, организирање информативни и промотивни активности, како и обуки на кадровскиот потенцијал и членовите, но исто така ќе добиваат и паричен надомест за исплата на плата на управителот на земјоделската задруга која согласно пропишаните услови може да остварува право на помош од овој вид првата година во висина од 100% од просечната плата исплатена во Република Македонија за претходната година, со намалување од 20% секоја наредна година во период не подолг од пет години.
Задругите од голем обем ќе имаат право на финансиска поддршка и за ангажирање едно стручно лице од областа на земјоделските науки и ветерината, во висина не повеќе од просечната плата исплатена во Република Македонија за претходната година. Согласно законот, земјоделските задруги од мал обем може да добијат дополнителни директни плаќања за тековната година до 7,5% за оствареното и продадено производство, а оние од голем обем по истиот основ до 15%.
Задругите ќе имаат право и на поддршка за наводнување, во вид на надоместок на дел од трошоците за наводнување, за производствените капацитети во и на задругата, и тоа, во висина која нема да надминува 20 отсто од трошокот за наводнување за задругите од мал обем и 30% за задругите од голем обем, но не повеќе од 400.000 денари на годишно ниво.
Предвидени се и премии за осигурување во висина која нема да надминува 70% од трошокот за осигурување на производните капацитети на земјоделската задруга од мал обем и 80 проценти за осигурување на производните капацитети на земјоделската задруга од голем обем, но не повеќе од 3.000.000 денари годишно, како и поддршка за набавка на земјоделска механизација.
Извор: http://vecer.com.mk/?ItemID=A83535A5234C7A4385962243BAB799B0