Почетна / Вести Македонија / Руска рампа за нашето јаболко

Руска рампа за нашето јаболко

Москва ги намали царините за полските јаболка, па македонското овошје стана неконкурентно поради царинските бариери и скапиот транспорт.

Запре извозот на македонски јаболка на рускиот пазар, се жалат овоштарите од Преспа. Русија ги намали царинските стапки за полските јаболка, па на тој пазар не остана место за македонскиот род. Ова негативно се одрази врз откупот на јаболкото во Преспанскиот регион, каде што уште половина од минатогодишниот род по магацините лежи неоткупен. Особено во застој е откупот на „ајдаредот“ чија цена изнесува одвај 16 денари за килограм. Меѓу бараните сорти е „муцото“, кое се продава по двојно повисока цена, околу 30 денари за килограм.

– Русија ги намали царинските стапки за полското јаболко, со кое не можеме да се споредуваме зашто има високи субвенции и извозни премии. Тоа за нас стана голем проблем бидејќи нашиот род на тој пазар е неконкурентен поради царините од 2.000 долари за шлепер, како и транспортните трошоци зашто с` уште нема директен извоз, туку реекспорт преку Србија – вели Стевче Радевски од Здружението на овоштари „Благој Kотларовски“ во Ресен.

Овоштарите посочуваат дека е тешко да се одржи конкуренцијата на рускиот пазар зашто полските јаболка добиваат по осум денари извозна премија. Пред неколку месеци имало најави дека Русија ќе ги намали царините и за македонското јаболко, но досега не се оствари. Од здруженијата на овоштарите бараат од државата да помогне во олеснување на пласманот за Русија, која може да го апсорбира целокупното македонско производство на јаболко, зашто само во Москва дневната побарувачка изнесува околу 300 тони.

– Мислиме дека и количините што во бербата беа откупени од трговците не се продадени, па сега се јави застој. Проблеми прават и трговците, кои понекогаш намерно предизвикуваат вештачка криза за да падне откупната цена на јаболката, а со тоа нивниот профит да се зголеми. Така минатата година јаболкото го откупуваа по 15 денари за килограм, а на странските пазари го продаваа три пати поскапо, односно за по едно евро – вели Муса Елмазовски, овоштар од Ресен.

Од Федерацијата на фармери на Македонија потврдуваат дека во овој период е намален интензитетот на откупот на јаболката, па земјоделците се загрижени дали ќе успеат навреме да го допродадат родот.

– Оптимист сум дека ќе се продадат, но останува проблемот со цената. Мора да сфатиме дека во секое производство цената ја диктира конкуренцијата. Потребно е да им повеќе ладилници за тој притисок да може да се оддолжи на подолг период и да се амортизира намалената цена – вели Андрија Секуловски, претседател на ФФМ.

Досегашните искуства покажуваат дека овоштарите го продаваат родот најдоцна до април. Експертите посочуваат дека за да се продолжи откупната сезона и за јаболкото да постигне повисока цена, потребен е и подобар квалитет. Тоа е можно ако се чува во ладилници. Во Преспа, каде што годишно се произведуваат и до 100.000 тони јаболка, засега има само еден ладилник со капацитет од 5.000 тони.

Од општина Ресен веќе неколку години најавуваат дека ќе се изгради откупен центар и ладилник во месноста Макази, а велат дека имало заинтересирани инвеститори дури од Турција.

Жанета Здравковска

Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=55D5E85E4EEC7346B74FF7C2E9618746

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …