Почетна / Вести Македонија / Нашата храна имуна на поевтинување

Нашата храна имуна на поевтинување

Производите за исхрана во светот лани поевтинија за 7 отсто, а кај нас статистички пораснаа за 2,4 отсто, додека реално некои од основните прехранбени артикли поскапеа и за 10 отсто.

Зошто македонските производи се скапи и како на рафтовите на нашите продавници има артикли што се со повисоки цени дури од тие во матичните? Kои се суштинските причини Македонците да јадат поскапо од регионот, од Европејците и од жителите на светот и додека кај нив се стабилизираат цените на основните прехранбени артикли, кај нас одвај да се држат драстично да не поскапат. И сето ова во ситуација на доделени стотина милиони евра за субвенции за земјоделството и донесени владини мерки за стабилизација на цените на некои основни суровини по нивниот енормен скок на светските берзи.

Експертите се децидни дека растот на цените на енергентите и нафтата ги држи цените на основните артикли во земјава високи. Kоментираат дека сушата го зафати светот, но дека кај нас проблем е што немаме стратегија која ќе ни донесе поголемо и поевтино производство. Односно с` што произведуваме е скапо и неконкутрентно. А со проблемите се справуваме во пет до дванаесет, а не навреме. Поради тоа што сме увозно зависни, пак, увозот на храна го јаде домашното производство кое останува неконкурентно дури и на домашниот пазар.

– Податоците на Светската организација за храна се базираат на приноси на производство во светот на водечките земји. Најверојатно по скокот на цените, понудите се зголемија, а некои резерви се активираа. Kај нас лани приносите беа пониски, имавме суша, проблеми со добиточната храна. Во декември и во јануари расправавме за добиточната храна, а не тогаш кога е време е за тоа. Затоа за нас растат цените. Ќе порасне и таа на месото, не можеме да бидеме конкурентни ни со житото оти Србите ни нудат поевтино, а има и други вакви примери – вели професорот во пензија Борис Анакиев.

Лебот поскапе само кај нас

Според него, проблемите не се решаваат кога ќе дојдат, туку ситуацијата треба да се следи и да се реагира предвреме. За тоа се потребни стратегии и правилна примена на терен за ние да имаме поевтино и поконкурентно домашно производство.

Според извештајот на ФАО, млекото и млечните производи лани поевтиниле 14,5 отсто, додека, пак, во истиот период во Македонија нивните цени се зголемила за 3,4 отсто. Цената на месото на светските берзи се намалила за 1,1 отсто, но во земјава месото лани се продавало за 4,7 отсто поскапо од претходната година. Лебот и житото според светската организација поевтиниле 2,4 отсто, но во Македонија иако незначително, сепак поскапеле за 1,2 отсто. Најголем пад на цената од 17,1 отсто имало кај шеќерот чија цена кај нас се стабилизира само со владината мерка за намалени царини од 5 отсто.

Заради растот на цените на суровините, особено на житото, предизвикани од глобалната суша и поскапувањето на енергентите во септември минатата година, според ФАО, цените скокнаа, но тоа поскапување беше краткотрајно.

Неопходна финална доработка

За експертите високите цени на енергентите се една од причините за нечувствување на ефектите од глобалните текови. Пред с` поскапувањето на струјата и гасот, како и рекордните цени на нафтата кои што претставуваат главен трошок во производството на храната. Само лани, струјата поскапе за 13,3 отсто, а, пак, цената на гасот се зголеми за 7,4 отсто.

– Во структурата на увезените производи во нашата земја доминираат финалните производи т.е. производите со повисока додадена вредност. Па така, ако увезувавме повеќе суровини и истите ги доработувавме, може и ќе имаше намалување на цените. Од друга страна минатата година бевме сведоци и на зголемени цени на енергентите што секако имаат свое влијание и врз трошоците на производство и услугите, односно финалните цени, кои може да го елиминираат намалувањето на цените на одредени производи на светските берзи, особено што ние сме и големи увозници на енергентите – вели професорката Шенај Хаџимустафа.

Според неа, субвенциите се нож со две сечила, односно може да го стимулираат стопанството, но може да влијаат и негативно во насока на намалување на конкурентноста на самите производители поради заштитата од државата.

-Ако дадените субвенции не вродат со поголем квантитет и квалитет на земјоделски производи, истите може да се оценат и како неуспешни. Нашата земја треба да преземе сериозни чекори во насока на оживување на реалниот сектор и стимулирање на создавањето индустрија која ќе создава повисок степен на финализација на производите за да се намали увозната зависност, односно истата би била насочена кон суровините, а помалку кон финалните производи – вели таа.

Увезените артикли го следат светот само кога поскапуваат

Официјалните податоци на Државниот завод за статистика покажуваат дека расте и увозот на храна. И покрај тоа што главно се храниме со увезена храна, таа очигледно не ги следи светските трендови, туку наместо кога глобално поевтинува да поевтини и кај нас, таа само поскапува кога растат глобалните цени и потоа останува иста. Така, статистички лани за десет месеци сме увезле храна вредна 616 милиони долари или за пет отсто повеќе од истиот период 2011 година. Една од земјите од кои Македонија најмногу увезува храна е соседна Србија.

Александра Филиповска

Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=00A03B6E7AE4CB41BA5F0256B6BD2062

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …