Младиот кромид од Велешко е баран на трпезите во странство. Над 250 тони млад кромид веќе е продаден, а деновиве уште 300 тони ќе се најдат на трпезите во Хрватска, Србија, Косово, Црна Гора и Словенија.
Производителите велат дека и родот и квалитетот годинава е повеќе од добар и купувачи секој ден доаѓаат со камиони и го откупуваат. Задоволни се и од откупната цена – 40 денари за килограм.
Во Башино Село, каде што најмногу се одгледува оваа градинарска култура, се работи од утро до мрак. Се корне, чисти и се врзува во големи снопови и така им се продава на купувачите. Во наредниве десетина дена договорено е само за Хрватска да заминат 50 тони млад кромид. Кромитчето се продава и во Црна Гора, а го извезуваат компании од Кавадарци, Ново Село, Струмичко, а не е мал бројот на накупци кои го откупуваат кромидот и од нива.
– Презадоволни сме. Добро е кога она што ќе се роди има кој да ти го купи. Годинава имаме и добар род и добар квалитет. За Велигден од Башино Село, Велес, Градско и другите села покрај Вардар, договорено е да бидат продадени над 200 тони млад кромид. Цената е повеќе од добра. Редно беше и ние да се офајдиме – вели Илија Далев, производител на млад кромид од Башино Село.
Со пласманот на младиот кромид што во поголеми количества почна да се откупува овие денови, се задоволни и земјоделците од селата Ногаевци, Уланци, Караслари и Градско. Тие велат дека од продажбата на младиот кромид очекуваат да заработат добри пари.
– Задоволен сум. Минатата година имав пет декари, а годинава имам седум. Родот е повеќе од добар. Досега продадов десет тони, а веќе договорив за уште толку. Парите на рака ни ги даваат. Младиот кромид ни е меѓукултура од која годинава добро ќе заработиме. Заработив одлично – вели Димко Николовски од селото Ногаевци. Инаку, под млад кромид годинава во Велешко се засадени над 70 хектари од кои се очекува род од околу 400 до 600 тони. Според производителите од Башино Село и Ногаевци за божиќните и новогодишните празници беа продадени околу 280 тони. Само за Хрватска досега се продадени 150 тони млад кромид. За Велигден производителите очекуваат целокупниот годинашен род да биде продаден.
Земјоделците веднаш по продажбата на младиот кромид на истите површини ќе почнат со садење на млад кромид, домати, пиперки и други градинарски култури.
(С.А.)
Извор: vecer.com.mk