Почетна / Вести Македонија / Винарниците уште во март се растрчаа по грозје

Винарниците уште во март се растрчаа по грозје

Лидерот на лозарите, Љупчо Аризанов, потврдува дека уште сега се нудат договори за откуп на грозје оти винарските визби се главно празни, но препорачува лозарите да внимаваат што потпишуваат.

Винарниците уште во март се растрчаа по грозје во Тиквешко, како најголем лозаро-винарски регион во Македонија, дознава „Дневник”. Претставници на визбите ги посетуваат домовите на поголемите производители на грозје нудејќи им да склучат договори за откуп на родот.

– Точно е тоа што го велите. Јас сум долгогодишен лозар и произведувам големи количини грозје, па уште сега имам неколку понуди од винарници за да им го продадам мојот годинашен род од лозјата. Порано се бунтувавме што не склучуваат договори за соработка, а сега, право да ви кажам, со денови не спијам оти не знам кој пат да го фатам, со која винарница да склучам договор за продажба на грозјето – ни откри еден од лозаропроизводителите што имаат огромни површини под лозов насад.

Тој не крие дека особено внимава кога се во прашање обврските што ги има со потпишувањето на договорот.

– Во еден од договорите што ми ги нудат да ги потпишам стои дека грозјето треба биде со 20 шеќерни единици. Но што ако годината се погоди врнежлива, па шеќерноста биде помала? Тогаш ќе треба да плаќам пенали. Затоа толку многу се мислам пред да го ставам својот потпис и да се обврзам дека некому со сигурност ќе му го дадам своето грозје – признава овој лозар.

Претседателот на регионалниот сојуз „Агротиквешија” од Kавадарци, Љупчо Аризанов, потврдува за „Дневник” дека винарниците навистина се растрчале по грозје уште сега.

– Ќе дојде време кога по меѓите ќе молат за зрно грозје повеќе. Оти винарските визби се главно празни, резервите се многу мали и нужни или, пак, претставуваат банкова гаранција. Тука е секако и зголемената конкуренција во лозаро-винарскиот бизнис со отворањето нови винарници кои треба да донесат подобар пласман за грозјето, подобри цени и навремена исплата. Извозот на грозје, исто така, придонесува за поголема конкуренција во секторот – вели тој.

Сепак, ги предупредува лозарите да внимаваат што потпишуваат и да не избрзуваат.

Аризанов потсетува дека според законот, лозарите и винарниците треба да склучат договори за откуп на грозје најдоцна 45 дена пред почетокот на гроздоберот или некаде до 15 јули. Во договорите треба да стои и цена за килограм грозје. Досега во повеќето такви договори не се наведуваа цените зашто тие се обелоденуваат непосредно пред самата берба или на почетокот на гроздоберската треска.

Менаџерот на винарската визба „Аневски” од Штип, Ѓорѓи Бебеџаков од Kавадарци, потврдува дека винарниците се главно празни и дека грозјето ќе се бара.

– Според мене, цехот оваа година ќе го платат винарниците што ги лажеа лозарите оти сега производителите на грозје ќе се свртат кон редовните плаќачи – категоричен е Бебеџаков.

Светлана Дарудова

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …