Почетна / Вести Македонија / Тракторите влегоа во ИПАРД

Тракторите влегоа во ИПАРД

Со последните измени на ИПАРД програмата земјоделците ќе можат да аплицираат за купување на најсовремена механизација и за изградба на нови капацитети, а не само за реновирање, како што беше до сега.

Од претпристапната помош од ЕУ ќе можат да аплицираат со проекти и за обнова на млекарници, фарми, преработувачки капацитети во месната индустрија, како и за изградба, и реновирање објекти за рурален туризам. Имплементацијата на овие мерки стартува од следниот јавен повик што треба да биде објавен во јуни годинава.
– Намалена е границата за аплицирање што овозможува барања за ИПАРД да поднесуваат и поситните земјоделци, но зголемена е и сумата за поголемите проекти. За претпристапните средства ќе можат да конкурираат и малите и средните претпријатија поради што се очекува значително поголема апсорпција на европските фондови – истакна заменик министерот за земјоделство, Зоран Коњановски.
Според него, за оние кои сакаат да изградат нови оранжерии границата на дозволени трошоци е подигната на повеќе од 2 милиона евра. Ќе може да се користат и средства за изградба на нови објекти во руралните средини со капацитет до 30 соби и 70 легла во насока на развој на туризмот и нови вработувања за што сметаме дека ќе има голем интерес. Досега, бројот на апликации беше прилично низок, од 70 до 90 по јавен повик.
– Сега ќе биде сосема поинаку. Очекуваме по околу 1.000 апликации што ќе значи и многу посериозна апсорпција на средства. Нудиме нешто што досега не постоеше во ИПАРД, а ќе придонесе да им излеземе во пресрет на барањата на земјоделците – напомена директорот на Платежната агенција, Тони Димовски.
Досега тракторите воопшто не беа дел од ИПАРД програмата. Механизацијата се кофинансираше преку Програмата за рурален развој.
– Нудиме нешто што досега не постоеше во ИПАРД, а ќе придонесе да им излеземе во пресрет на барањата на земјоделците, посочи Димовски.
На Македонија и остануваат неколку десетици милиони евра од периодот 2012/13 година, како и сумата од изминатиот период која се префрла со одредени правила на ЕУ. Можно е дел да бидат загубени, но во тек е креирањето на ИПАРД 2, каде што интерактивно соработуваме во однос на мерките и начинот на аплицирање. (Ал.С.)

Извор: vecer.com.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …