Во Велесело, едно од најиспустените села во Мариовско, денес живеат само четворица постојани жители, а одгледуваат над 2.800 овци.
До ова село не води ни асфалтен пат, но и покрај тоа, јагнињата оттука стигнуваат на италијанскиот пазар. Селото е рекордер во извоз на јагнешко месо за странство зашто годишно се извезуваат безмалку 1.000 грла. Ова е еден од најбогатите краишта со млеко во Битолско, каде што од две фарми дневно се добиваат и до 700 литри. Во пролет и во лето, на стар традиционален начин, се прават по десет канти сирење дневно.
И додека и последните селани што останале во Мариовско размислуваат како да се преселат в град, 50-годишниот Ибраим Kаплан од Горна Жупа се досели во Велесело. Со себе донесе неколку десетици грла овци, а тука ги размножи до 1.400. Тој извади и лична карта од Велесело и стана негов постојан жител.
– Можеби кога ќе излезете од камената куќа нема ништо убаво да видите зашто зјаат напуштени и разрушени стреи како штрбава уста на баба, но тука зимите се благи и климата одговара за стоката. Јагнињата ги продавам во Италија, особено пред католички Велигден. Од 600 јагниња, најмалку 400 ги давам преку извозници од Скопје и од Гостивар. Има топтан откуп, а цената по јагне достигнува над 50 евра – вели Kаплан.
На сточарството му го имаат подредено и семејниот живот. На фармата му помага неговата сопруга Илмије, која половина година минува во Мариово, а за тоа време е разделена од ќерките и четиригодишниот син, кои остануваат во Горна Жупа. Но, ги одгледуваат со парите од продажбата на родот и субвенциите, кои достигнуваат и до 10.000 евра.
– Дневно молзам по 600 овци и вадам околу половина литар млеко од грло. Има денови кога правам по пет-шест канти овчо сирење. Го правам во садови од ростфрај, кои ги донираа партнери од Италија со кои соработуваме. За два месеца правам од 300 до 350 канти сирење. Сирењето го продаваме во Дебар, Гостивар, Скопје, по околу 50 евра од канта – вели Илмије.
Покрај стадото, на Kаплан се протегаат трлата на друг бизнисмен од Битола, кои исто така бројат над 1.400 грла. Нив ги пасат овчари од западна Македонија, кои привремено остануваат овде. Инаку, во Велесело останато е само едно семејство од староседелците. Тоа се Трајковци, кои пак, за чудо, немаат своја стока, иако местово од памтивек било сточарско.
– Пусто село, две душички сме. Налето кога ќе заминат сточарите во други краишта, ни комшија има, ни ништо. Сами сме, нема ни овци, ни кози, ни магариња. Синот преку зима се глави да биде овчар и зема по 9.000 денари, колку за храна. Двапати неделно одиме по леб во градот. Вода нема, струја има колку за да вклучиме ламба да свети. Нема асфалтиран пат, па ни возило за брза помош не може да дојде – вели 80-годишната Доста Трајковска.
Селото е оддалечено 37 километри од Битола. Во него нема ни еден телевизиски апарат. Жителите немаат на што да ја следат кампањата за локалните избори. Наместо за кандидатите, тука се зборува за субвенциите.
Во Велесело, едно од најиспустените села во Мариовско, денес живеат само четворица постојани жители, а одгледуваат над 2.800 овци. До ова село не води ни асфалтен пат, но и покрај тоа, јагнињата оттука стигнуваат на италијанскиот пазар. Селото е рекордер во извоз на јагнешко месо за странство зашто годишно се извезуваат безмалку 1.000 грла. Ова е еден од најбогатите краишта со млеко во Битолско, каде што од две фарми дневно се добиваат и до 700 литри. Во пролет и во лето, на стар традиционален начин, се прават по десет канти сирење дневно.
И додека и последните селани што останале во Мариовско размислуваат како да се преселат в град, 50-годишниот Ибраим Kаплан од Горна Жупа се досели во Велесело. Со себе донесе неколку десетици грла овци, а тука ги размножи до 1.400. Тој извади и лична карта од Велесело и стана негов постојан жител.
– Можеби кога ќе излезете од камената куќа нема ништо убаво да видите зашто зјаат напуштени и разрушени стреи како штрбава уста на баба, но тука зимите се благи и климата одговара за стоката. Јагнињата ги продавам во Италија, особено пред католички Велигден. Од 600 јагниња, најмалку 400 ги давам преку извозници од Скопје и од Гостивар. Има топтан откуп, а цената по јагне достигнува над 50 евра – вели Kаплан.
На сточарството му го имаат подредено и семејниот живот. На фармата му помага неговата сопруга Илмије, која половина година минува во Мариово, а за тоа време е разделена од ќерките и четиригодишниот син, кои остануваат во Горна Жупа. Но, ги одгледуваат со парите од продажбата на родот и субвенциите, кои достигнуваат и до 10.000 евра.
– Дневно молзам по 600 овци и вадам околу половина литар млеко од грло. Има денови кога правам по пет-шест канти овчо сирење. Го правам во садови од ростфрај, кои ги донираа партнери од Италија со кои соработуваме. За два месеца правам од 300 до 350 канти сирење. Сирењето го продаваме во Дебар, Гостивар, Скопје, по околу 50 евра од канта – вели Илмије.
Покрај стадото, на Kаплан се протегаат трлата на друг бизнисмен од Битола, кои исто така бројат над 1.400 грла. Нив ги пасат овчари од западна Македонија, кои привремено остануваат овде. Инаку, во Велесело останато е само едно семејство од староседелците. Тоа се Трајковци, кои пак, за чудо, немаат своја стока, иако местово од памтивек било сточарско.
– Пусто село, две душички сме. Налето кога ќе заминат сточарите во други краишта, ни комшија има, ни ништо. Сами сме, нема ни овци, ни кози, ни магариња. Синот преку зима се глави да биде овчар и зема по 9.000 денари, колку за храна. Двапати неделно одиме по леб во градот. Вода нема, струја има колку за да вклучиме ламба да свети. Нема асфалтиран пат, па ни возило за брза помош не може да дојде – вели 80-годишната Доста Трајковска.
Селото е оддалечено 37 километри од Битола. Во него нема ни еден телевизиски апарат. Жителите немаат на што да ја следат кампањата за локалните избори. Наместо за кандидатите, тука се зборува за субвенциите.
Жанета Здравковска
Извор: dnevnik.mk