Македонија лани извезла земјоделски производи во вредност од 478,9 милиони евра, а увезла во вредност од 679,4 милиони евра.
Официјалните бројки говорат дека секоја година расте извозот, но расте и увозот на храна и тоа многу повеќе од извозот. Тутун, вино, свежо грозје, цигари, овошје и зеленчук се само дел од производите со кои лани сме биле присутни на европските пазари. За сметка на тоа, сме увезувале житни култури, месо од живина, зејтин, свинско месо, чоколади, кафе, леб, печива и бисквити. Ако ги прашате експертите, ќе ви кажат дека за да се зголеми извозот, мора да се смени политиката на субвенционирање и парите да се насочат во култури што најмногу се увезуваат. Во Министерството за земјоделство објаснуваат дека годишните програми се носат во рамките на петгодишната програма за субвенционирање. Мерките во програмите се стабилни и постојани, согласно со петгодишната програма, но во исклучителни и непредвидливи случаи може да се интервенира со измена на програмата.
– Мора да се истакне дека осцилациите во трговијата со земјоделско–прехранбените производи, како во извозот така и во увозот, кои се особено присутни во последните години се резултат пред с` на светската економска криза. Во овој контекст секако се вклучени и турбуленциите во климатските промени на кои земјоделството е исклучително сензитивно. Во основа се извезуваат и примарни и преработени земјоделски производи, но мора да се има предвид дека преработките имаат повисока додадена вредност од примарните производи – велат во Министерството за земјоделство.
За сметка на примарните производи што предничат во извозот, сме увезле една третина повеќе готови производи отколку што е вредноста на извозот. Најголем увоз лани имало на зејтин, шеќер и шеќерна трска или шеќерна репка, свинско и говедско месо, чоколади и други прехранбени производи што содржат какао.
Професор Борис Анакиев вели дека дефицитот во трговијата со храна е голема болка на Македонија. Не можеме да си ја задоволиме потребата од жито, затоа што имаме релативно неповолни услови и затоа увозното е поевтино. Скапото жито, повлекува и скапа добиточна храна и со тоа и месото станува скапо и неконкурентно. Освен житото и месото, најголем дел од дефицитот се должи и на маслото за јадење и на шеќерот.
– Овошјето, зеленчукот, тутунот и јагнешкото месо се наша предност, но треба да го зголемиме извозот на готови производи, а не на суровини – вели Анакиев.
Според него, извезуваме сурови производи, нефинализирани, кои со додадена вредност ќе имаат повисока цена на пазарот и ќе генерираат поголеми суми од извоз.
– С` додека тоа не го придвижиме и да го направиме како што треба, ние ќе имаме голем дефицит. Заклучокот е многу едноставен, ни недостигаат преработувачки капацитети и добра стратегија која треба да се искористи во најскоро време – објаснува Анакиев.
Анализите покажуваат дека најголем проблем зошто увозот е поголем од извозот не е само недоволното производство, туку и немањето конкурентни производи. Имено, може да се случи произведеното да биде неконкурентно и со квалитет и со цена. Проблемот е голем и ако се случи одреден производ да има висока цена, тој не само што не ќе може да се извезе, туку нема да се продаде ни на домашниот пазар зошто е прескап, велат анализите. Истото се случува и со немањето квалитет. Тогаш проблемот е поголем и се јавува потреба од увоз за да се задоволи домашниот потрошувач поради лошиот квалитет на тоа што е произведено дома.
Валентина Ангеловска
Што извезуваме
Најзначајни земјоделско-прехранбени производи извезени од лани се тутунот во вредност од околу 95,1 милион евра или учество од 19,9 отсто во вкупниот извоз, потоа вино од свежо грозје во вредност од 56,1 милиони евра и учество од 11,7 отсто во вкупниот извоз, леб, печива, колачи и бисквити во вредност од околу 37 милиони евра и учество од 7,7 отсто од вкупниот извоз. Следни се пури и цигари во вредност од околу 18,5 милиони евра и учество од 3,9 отсто од вкупниот извоз. Дури потоа следуваат јаболка, круши и дуњи во вредност од околу 16,6 милиони евра и друг зеленчук приготвен или конзервиран, во вредност од околу 16,3 милиони евра. Исто така, лани сме извезле домати, свежи и разладени во вредност од околу 14 милиони евра, месо, овчо или козјо, свежо или разладено во вредност од околу 13,2 милиони евра, грозје, свежо или сушено во вредност од околу 12,3 милиони евра и колбаси и слични производи од месо во вредност од околу 11,8 милиони евра.
Извор: dnevnik.mk