Почетна / Вести Македонија / Бит-пазар со покрив, нови тезги и паркинг

Бит-пазар со покрив, нови тезги и паркинг

Површината на објектот ќе изнесува 15 илјади метри, ќе биде поделен на приземен и галериски дел, ќе има уште едно дополнително ниво во делот кој е организиран кон женскиот пазар.

Долгогодишните проблеми со кои се соочуваат пазарџиите од Бит-пазар и за кој пред неколку месеци штрајкуваа поради неисполнување на ветувањето за затворен и реновиран пазар се очекува наскоро да бидат решени. Проектот за реконструкција на пазарот е во завршна фаза и треба да започне негова реализација на терен за три месеци. Во општината Чаир, вчера проектантот Кокан Грчев пред Здружението на пазарџиите го презентираше проектот Бит-пазар. Површината на објектот ќе изнесува 15 илјади метри, ќе биде поделен на приземен и галериски дел, ќе има уште едно дополнително ниво во делот кој е организиран кон женскиот пазар. Сето тоа треба да овозможи поставување на 1 400 тезги во приземниот дел и соодветен број на дуќани кои се наоѓаат организирани речиси на идентични места каде што и сега се наоѓаат.

-Бит-пазар е дел од Скопската чаршија, а архитектурата на новиот проект ќе биде во склад со изгледот на Чаршијата. Во завршна фаза сме со усвојување на деталите на урбанистичкиот план, којшто е основа да се обезбеди таква инвестиција. Многу беше значајно да се опфатат сите тезги, дуќани, а кога ќе биде реализиран проектот нема да дозволиме ниедна тезга надвор од пазарот да се бави со трговија, велат од општината.

Финансиите за проектот Бит-пазар се обезбедени од буџетот на акционерското друштво Скопски пазар, а се чека дозвола за отпочнување со градба на проектот со кој многу придобивки ќе имаат градот, општината, чаршијата, пазарџиите, но и купувачите, истакнуваат од таму.
– Овој проект е поделен во три главни сегменти коишто сукцесивно би се надградувале еден врз друг и квадратурата зборува за комерцијалната вредност на објектот во изградба и за она што како позитивен финансиски фидбек може да се очекува од користењето на тој простор, објасни проектантот Кокан Грчев.

Површината на овој објект ќе изнесува 15 илјади квадрати, инвестицијата на истиот ќе биде 10 милиони евра. Се очекува реализација на проектот да започне за три месеци, кога и започнува градежната сезона.

(С.Тр.)

Извор: vecer.com.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …