Велешкиот Центар за јавно здравје го доби сертификатот ИСО 17.025, со кој може да ги испитува храната и водата, присуството на хемикалии и тешки метали, односно повеќе параметри што влијаат врз здравјето на граѓаните.
– Со овој документ нашите резултати се валидни во цела Земјина топка. Со многу напор успеавме да добиеме сертификат за акредитација за испитување на вода и храна. Со ова нашата лабораторија е една од трите во земјава, по тие на Институтот за ветерина и на Републичкиот центар за јавно здравје, што добија позитивна оцена од Институтот за акредитација на Република Македонија – вели раководителката на Центарот за јавно здравје, д-р Флорентина Шурбевска-Ристовска.
Може да се испитуваат вода, почва и храна, а преку лабораториските истражувања може да се открие присуство на пестициди во земјоделските производи, отрови, конзерванси и адитиви во храната, како и тешки метали во земјоделските производи и во почвата.
Ако има какви било отстапувања, ја известуваат надлежната инспекција за храна. На овој начин, најавуваат од Центарот, производителите ќе имаат можност да одлучат каде ќе ги испитуваат своите производи, а оваа јавна здравствена институција ќе има дополнителен приход. (П.П.)
Извор: http://dnevnik.mk/?ItemID=F3058887B4EE23438DAABD1B63900961