Почетна / Вести Македонија / Сушата изеде дел од грозјето во Тиквешко

Сушата изеде дел од грозјето во Тиквешко

Сушата изеде дел од грозјето во Тиквешко, а според познавачите на состојбите, штетите кај лозовите плантажи се од 20, па до 80 проценти во одделни сушни делови.

Со оглед на тоа што сушата остава последици врз сите земјоделски култури, па и кај лозовите насади, магистерот по заштита во лозарството Диме Златев од Kавадарци излезе со неколку препораки до самите лозари.

– Kај некои лозја ситуацијата поради сушата е веќе лоша, а кај некои дури катастрофална. Доаѓа до сушење на листот, па и на грозјето. Чувствувам потреба да укажам на некои решенија за борба против сушата, кои производителите на грозје треба да ги знаат. Добро е кога подлогата на лозата е дива и со вертикален длабок корен, така таа е поотпорна на сушата. Така, на пример, грозјето од сортата „жилавка“ е неколку пати поиздржливо на суша од „смедеревката“ и може да ја замени во сувите региони. Kако поиздржливи се и сортите на грозје „стрнушина“ и „ркацители“ – рече Златев.

Тој нагласи дека во борбата против сушата од пресудно значење е и изградбата на мали вештачки акумулации, на пример, во месноста „Овчка Река“ или на ваташкот дел, кои се критични. Мини-акумулациите според него ќе бидат вистински благодат во регионите каде што лозовите плантажи сега немаат можност за наводнување. Златев нагласи дека лозовите насади, кои се под систем за наводнување, се со извонреден род и квалитет на грозјето.

Во моментов во Тиквешијата во полн ек се берат десертните сорти грозје, но почна и бербата на висококвалитетните сорти винско грозје.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …