Почетна / Вести Македонија / Субвенции од 5.000 евра за брендирани земјоделски производи

Субвенции од 5.000 евра за брендирани земјоделски производи

Сите фармери, земјоделски здруженија и фирми што сакаат да брендираат одреден производ ќе добијат по 300.000 денари за производ.

За разлика од минатогодишната програма, старите мерки се заменети со само една мерка за финансиска поддршка за трошоци за воведување на заштитени ознаки за квалитет. Целта е да се поедностави процедурата и да се зголеми интересот за заштита на квалитетот во Програмата за финансиска поддршка на руралниот развој за годинава.

– Предност на оваа мерка е што корисниците ќе може да добијат финансиска поддршка уште на самиот почеток на воведувањето заштитена ознака за квалитет, а не по регистрирање на заштитената ознака. Kорисници на оваа мерка ќе бидат група заинтересирани производители на одреден земјоделски или прехранбен производ, јавно-научни установи, консултантски куќи, како и единиците на локална самоуправа – велат во Министерството за земјоделство.

Според нивни податоци, во процес на регистрација се охридската цреша, валандовското бело зимско грозје, виното „станушина“, „фила шарлаган“ – ладно цедено масло и галичкиот кашкавал. Дополнителни субвенции има и за земјоделците што производите ќе ги продадат на преработувачи што произведуваат брендирани производи. Тие ќе добиваат по 0,5 денари за еден литар или еден килограм предаден производ. Во моментов во тек е регистрацијата на уште пет производи, кои ќе го добијат знакот за квалитет.

– Ние апелираме да расте интересот за брендирање на земјоделските производи затоа што на тој начин не само што се добиваат субвенции од државата туку тие производи многу полесно се продаваат и постигнуваат подобра цена на пазарот – велат во Владата.

Од таму јавуваат дека досега процесот на брендирање го завршиле шест производи – кочанскиот ориз, тетовскиот грав, македонскиот ајвар, овчеполскиот мед, малешевското бело сирење, старо бачило бело сирење.

Експертите велат дека производителите на земјоделски и на прехранбени производи во земјава с` повеќе се соочуваат со големиот притисок на конкуренција како на домашниот пазар така и на пазарите во регионот и во Европската Унија. Затоа, според нив, во следниот период македонскиот земјоделско-прехранбен сектор треба значително да се приближи кон нивото определено со стандардите дефинирани во регулативите од Заедничката земјоделска политика на ЕУ. Брендирање и заштита на производите мора да се направи за да не ни се случи традиционален земјоделски производ или специјалитет да не може да се продава по тоа име бидејќи веќе е заштитен од некоја друга земја.

Во земјоделските здруженија велат дека го прифаќаат брендирањето бидејќи целта е македонските производи да станат светски препознатлив бренд.

– Бенефитите од брендирањето се тоа што целото производство ќе биде стандардизирано и ќе се знае што содржи и како се подготвува секоја тегла ајвар или секое парче сирење. Тоа ќе гарантира квалитет и конкурентност на домашниот и на светските пазари – велат Сојузот на земјоделците.

Извор: dnevnik.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …