Почетна / Вести Македонија / ДОМ бара Македонија да биде зона без ГМО

ДОМ бара Македонија да биде зона без ГМО

Демократскиот сојуз (ДС) предлага да се повлече примената на Правилникот за ставање во промет генетски модифицирана храна за животни, бидејќи помеѓу експертите се уште нема усогласен став за нејзината употреба, како и за штетното влијание врз животните и луѓето.

– Сите општини да донесат одлуки со кои ќе забранат производство на нивните подрачја на генетски модифицирана храна – повикува ДС и ги поздравува општините Велес, Охрид, Чашка, Могила, Валандово и Василево, кои се прогласија за ГМО слободни”, со што на нивната територија нема да може да се произведува и користи храна настаната од генетски модифицирани организми. Партијата смета дека во услови на енормни загадувања на Скопје, Кавадарци, Неготино, Битола, треба да се зајакнат еколошките капацитети, а компаниите да ги исполнат обврските согласно оперативниот план за целосна примена на еколошките стандарди.
– Последните анализи покажуваат дека зголемени се канцерогените и белодробните заболувања, што ја наметнува потребата сите институции, но и компаниите да водат сметка за примена на стандардите за заштита на средината во која живееме – се посочува во соопштението. На оваа тема вчера се огласија и од Демократската обнова за Македонија (ДОМ) од каде побараа Македонија да биде зона без ГМО. Претседателот на ДОМ, Лилјана Поповска посочи дека досега пет општини изгласаа ГМО слободни зони, но дека е потребно и останатите градоначалници и совети да изгласаат такви зони со што би можеле да ги искористат привилегиите во развивање на еко туризмот и за сертифицирање на органската храна што ја произведуваат.
-Да се спасиме од ГМО наездата, да си ја обезбедиме државата да не дозволиме влез на ГМО, бидејќи немаме можност за тампон-зони за заштита. Од друга страна, Македонија има одлични услови за здрава органска храна во секој поглед и тоа треба да се искористи – рече Поповска.
Од Владата вчера посочија дека во Република Македонија нема правилник кој овозможува увоз на ГМО добиточна храна, а Владата ќе пристапи кон донесување соодветна правна рамка со која децидно ќе се спречи увоз на генетски модифицирана храна во Република Македонија. Во соопштението се наведува дека одлука со која ќе се овозможи увоз на ГМО добиточна храна Владата нема донесено и дека премиерот Никола Груевски нема потпишано правилник или одлука која ќе овозможи увоз на ГМО добиточна храна, како и тоа дека до Агенцијата за храна и ветеринарство не е доставено ниту едно барање, ниту е издадено одобрение за ставање во промет на ГМО храна, ниту за луѓе, ниту за животни. Заклучокот да се пристапи и предложи измени и дополнување на соодветна правна рамка со која децидно ќе се спречи увоз на генетски модифицирана храна Владата го донесе на последната седница.

Извор: vecer.com.mk

Check Also

Qélianet започнува да работи во Македонија

Интегрален текст од тим информатичари од Охрид. Известувањето Ви го пренесуваме во целост. Почитувани, Ви …