Македонија во првата половина на годинава извезла земјоделски производи во вредност од 234 милиони евра, што е зголемување за речиси десет проценти во истиот период лани.
Заклучно со почетокот на јули надвор од границите заминале повеќе од 279.000 тони овошје, зеленчук и сточарски производи. Ако извозот продолжи со вакво темпо, до крајот на годината треба да очекуваме рекорден извоз, од кој во државната каса треба да се слеат над 400 милиони долари. Експертите велат дека во следниот период извозот на овошје и зеленчук секојдневно расте и, според нивните предвидувања, бројките ќе бидат далеку над предвидените.
Зелката најмногу се бара
Во ек е извозот на грозје, пиперката за ајвар, индустрискиот домат, а следуваат зелката и корнишоните. Земјоделците велат дека конечно дојде нивното време и дека наместо да се фрла нивниот род по улиците, како до пред неколку години, сега европските пазари бараат килограм повеќе. Според официјалните податоци, најзначајни партнери на Македонија за извоз се Србија, Kосово, Хрватска и Босна и Херцеговина, каде што се извезуваат 52 отсто од македонските производи, а потоа е ЕУ, со 41 процент.
Во Министерството за земјоделство велат дека генерално трговската размена со земјоделско-прехранбени производи во период јануари-април 2013 година, во споредба со истиот период 2012 година, покажува позитивни движења и во извозот и во увозот.
– Зголемување на извозот има во сите сектори. Kако носители во извозот на зеленчук се: зелката со 7 милиони евра, краставиците и корнишоните со 900 илјади евра, кромидот со 600 илјади евра, доматите со 400 илјади евра и компирот со 300 илјади евра. Зголемениот извоз во основа е резултат на зголемените количини, особено кај зелката, краставиците и компирот. Треба да се земе предвид дека овие бројки драстично ќе пораснат бидејќи есенските градинарски производи допрва почнуваат да се извезуваат – велат во Министерството.
Преработувачка индустрија
Земјоделците потврдуваат дека има зголемена побарувачка, особено на трпезното грозје.
– Трговци од Албанија и од Kосово доаѓаат дирекно на нивите и купуваат речиси с` што ќе се набере. Сега најмногу се бара грозјето – велат во Сојузот на земјоделците на Македонија.
Во однос на извозот на овошјето доминантно е учеството на јаболката, со вкупна вредност од 7,8 милиони евра (околу 42.000 тони). Во извозот со помали вредности се јавуваат јаткестото овошје и агрумите. Главно извозот на овошје е насочен кон Србија, Kосово, Босна и Херцеговина, Бугарија, Црна Гора, Романија, Ирак и други.
Официјалните бројки велат дека најмногу пари лани сме дале за увоз на месо, сточна храна, жито, кафе, чај, а најмалку за овошје и зеленчук.
Освен свежо овошје и зеленчук, на светските пазари с` повеќе се бараат и нивните преработки. Лани 43 преработувачки капацитети произвеле 54.000 илјади тони производи што претставува е на ниво на рекордот од 2008 година, кој го остваривме пред почетокот на светската криза.
Реализираниот извоз лани изнесувал 40,5 илјади тони, беа остварени 46,1 милиони евр,а што претставува рекордна бројка постигната во оваа гранка. Преработувачката индустрија вработува околу 1.100 постојано вработени и 3.300 сезонски работници.
Увезуваме наше овошје по повисока цена?
Според професор Борис Анакиев, не треба да се занемари фактот дека паралелно со извозот расте и увозот на храна.
– Нашите капацитети за разладување и чување на овошјето и зеленчукот одамна се пропаднати или тоа што остана не може да ги задоволи потребите. Затоа се случува во есен да извезуваме јаболка за 20 денари за килограм бидејќи ги има во изобилство, а потоа истиот плод да го увеземе во јануари по двојно повисока цена. Производството треба да се планира, но и да се планира каде истото да се чува за да се продаде кога ќе има највисока цена – вели Анакиев.
Извор: dnevnik.com