Преку субвенции и директна помош во изминатите години Владата инвестирала околу 19 милиони евра во развојот на струмичкото земјоделство.
Како што изјави ресорниот заменик-министер Зоран Коњановски, поддршката во наредниот период ќе биде насочена, пред се, кон развојот на задругарството.
– Новиот закон за земјоделски задруги што е во собраниска процедура е повод за нашата средба и можност директно од земјоделците да ги слушнеме нивните размислувања и барања. Продолжуваме со практиката да ги земеме предвид сугестиите на производителите и да ги преточиме во конкретни политики – рече Коњановски на земјоделците од Пиперево.
Согласно донесената петгодишна Стратегија за развој на земјоделството, Министерството ќе продолжи да ги поддржува земјоделците и на сите можни начини ќе се обидува да ги надмине воочените проблеми.
Извор: vecer.com.mk