Државата го поттикнува здружувањето со давање поголеми субвенции, како и со финансиска помош за плата на управителот на задругата, за набавка на механизација, ангажирање агроном, партиципација во водениот надоместок и во осигурителната полисa.
Земјоделските задруги се враќаат на голема врата. Веќе е пред пратениците и наскоро треба да се донесе ново законско решение кое го регулира нивното формирање и функционирање. Преку формирањето земјоделски задруги треба да се стави крај на раситнетото, непланско производство и проблемите што произлегуваат од него. Земјоделците ќе се здружуваат доброволно, па и понатаму ќе останат сопственици на тоа што го поседуваат, а ќе добијат шанса заеднички да произведуваат на поголеми парцели, поевтино да доаѓаат до стручните совети, семенскиот и другиот материјал, потребната механизација и полесно да го продадат тоа што го произвеле. Истото важи и за сточарите.
Според проценките на агроекспертите, ако не се здружат според новиот терк пред влезот на државата во Европската унија, ќе пропаднат 70% од земјоделците кои произведуваат на мали парцели. Во државата веќе има здружени земјоделци. Но, регистрирани се 52, а активни се само 15 задруги. Најдоцна една година по донесувањето на законот тие ќе мора да се пререгистрираат, патем и да се формираат нови, а тоа значи да почнат да функционираат по принципот на трговски друштва. Ќе мора да имаат статут, органи на управување, да водат евиденција на членовите, на здружениот имот и слично, а Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе ги води во посебен регистар.
Некои земјоделци се уште стравуваат од ваквото здружување поради искуствата од старите социјалистички кооперативи кои во своето делување прераснаа во нешто сосема друго и несакано. Но, државата и законодавецот даваат огромен мотив тој страв да се надмине. Владата за годинава во форма на субвенции издвои 9,1 милион денари за поддршка на земјоделците што ќе произведуваат во задруги и кои имаат изработена и одобрена програма. Речиси половината од овие пари, поточно четири милиони денари, ќе отидат за задругите на кои програмата за работа ќе им се одобри до 31 мај годинава. Определена е и финансиска поддршка за основање на земјоделските задруги, за воспоставување на административни и технички капацитети, за ангажирање на стручни лица, за организирање на информативни и промотивни активности и обуки на кадровскиот потенцијал и членовите на задругата. Финансиската поддршка може да се добие и за целосна плата на управителот на задругата во првата година до висина на просечната републичка плата, која во секоја од наредните пет години ќе се намалува за по 20%. Кооперативите во кои ќе се здружат од 10 до 19 членови ќе бидат од помал обем, а со над 20 членови од голем обем. На големите државата ќе им дава помош во висина од една просечна плата за ангажирање на еден агроном или ветеринар. Предложениот закон предвидува задругите од мал обем да добијат дополнителни директни плаќања за тековната година до 7,5% за производството кое го создале и продале здружени, а задругите од голем обем до 15%. Државата исто така ќе покрие 20% од трошоците за надоместокот за наводнување за малите и до 30% за големите задруги, но не повеќе од 400.000 денари годишно. Здружувањето во задруга носи државна бенефиција и во осигурувањето и тоа 70% од полисата за малите и 80% од полисата за големите задруги, најмногу до 3.000.000 денари во текот на една година. Во Предлогот на Законот стои и тоа дека финансиската поддршка за земјоделските задруги може да се однесува и за набавка на земјоделска механизација, согласно годишната програма за финансиска поддршка на руралниот развој, а може да се додели и како помош чија висина не надминува 90% од вкупната вредност на набавката.
Освен бенефициите, на кооперативците им се даваат и обврски за чие неисполнување ќе бидат казнети. Тие ќе бидат под лупата на државните земјоделски инспектори, па доколку се утврди дека називот на земјоделската задруга не содржи назнака дека се работи за земјоделска задруга, или ако не се води и не се чува евиденција на членовите и на производствените капацитети, ќе се изрече глоба од 500 евра. Исто така, предвидена е и времена забрана за работа на задругата за период од шест месеци до една година.
(С.Ву.)
Извор: vecer.com.mk